Македонија
7. September 2023 - 16:42

Груевски тврди дека има минорен интерес од измените, партиите се обвинуваат за кого се менува законот

ДОМ размислува за напуштање на владината коалиција по вчерашната одлука на Собранието да амнестира сегашните и идни кривични дела на поголемиот дел од функионерите. Партиската Претседателка вели дека гласала против овие измени поради програмските определби на нејзината партија да се бори против корупцијата. 

Во ЛДП, Претседателката Зајкова не гласала, додека пратеникот Боби Мојсов дал поддршка на законските измени. Од Либералите денеска не може да се добие официјален став за тоа каде ќе стои партијата. 

Во НСДП даваат поддршка на законските измени и нивните двајца пратеници вчера гласале заедно со СДСМ и ДУИ за намалување на казните за функционерите.

Интересна е ситуацијата во Алијанса. Нивниот министер за правда одби да се потпише на законот а нивните пратеници не гласаа. Во Алијанса денеска не може да се добие официјален став иако неофицијално, партиски брифери потврдуваат дека Таравари останува верен на Ковачевски, но нема коментар за условот кој го постави за неговото учество во Владата.

Во опозицијата сметаат дека со законот СДСМ и ДУИ го амнестираат својот криминал

Вчера пак опозицијата во албанскиот политички блок излезе со став дека со измените на кривичниот законик се прави простор за враќање на екс премиерот Груевски. Тој во пост на социјалните мрежи демантираше дека се договарал со било кого, порачувајќи дека во неговиот случај на како што рече политички прогон, овие измени имаат минорно учество.

„Партиите, директно или преку нивните интернет ботови и нивните приврзоци во медиумите во Македонија во отсуство на конкретни дела, визија, понуда, проекти и решенија за проблемите на народот во Македонија редовно се препукуваат, и на секој два-три месеци им паѓа на памет спиновите да ги насочат кон мене во правец на некакви мои непринципиелни договарања со некого или нешто, заговори и слично, па веќе неколку години периодично се јавува потреба да ги демантирам, исто како што тоа го правам и сега во оваа прилика во која повторно го демантирам истото. Вакви измени во Законот се говорат во јавноста одамна, околу четири-пет години, и од она што можам да забележам од медиумите има многу заинтересирани страни од различни политички провиниенции за истите да се изгласаат. “ – порача Груевски

Во СДСМ денеска нема коментар на оваа тема. Во писмено соопштение од партијата денеска потенцираа дека измените на кривичниот законик го зголемиле опфатот на конфискацијата на имот. 

„Измената на членот 98-а од Кривичниот законик создава законска можност за поголема примена на мерката конфискација од страна на судиите преку проширување на опфатот на кривични дела за кои ќе може да се применува проширена конфискација. Ова значи и зголемена ефикасност и ефективност во борбата против криминалитетот, што е особено значајно.“ – порачаа од СДСМ

Коалицијата на СДСМ и ДУИ втор пат го менува кривичниот законик во делот што ги гони функционерите. Последен пат тоа го направи за да обезбеди поддршка во Собранието за промена на името.