Македонија
5. August 2026 - 16:36

Европските реки се сушат: Има ли ризик за македонската струја?

Реките кои со векови биле крвотокот на Европа денес изгледаат непрепознатливо. Наместо вода, на нивните корита се појавуваат песок и камења, а на местата каде до неодамна пловеа бродови, сега граѓаните пешачат низ Дунав и фотографираат глетка што ретко се гледа. 

„Тоа е тажно и застрашувачко нешто, и многу сериозно предупредување до општеството дека треба да бидеме внимателни со нашите ресурси. Треба да обрнеме поголемо внимание на нашата животна средина и мислам дека тоа е многу сериозен повик за будење.“

„Па, мислам дека може да се случат полоши работи од ова, па ако нема суштинска промена - а ова не важи само за цивилите, туку и за овие поголеми компании - тогаш мислам дека може само да биде полошо.“

„На пример, се обидуваме да го користиме клима уредот што е можно помалку дома. Всушност, користиме само електрични апарати што се неопходни. И мислам дека секој во Унгарија треба да го стори истото.“

Нови сателитски снимки покажуваат критично ниски водостои на Лоара во Франција, По во Италија, Рајна во Германија и Дунав во Унгарија. Големи песочни и чакалести наноси, кои вообичаено се под вода, сведочат за размерите на сушата што зафати голем дел од континентот.

Последиците веќе се чувствуваат. На Рајна е ограничен товарниот речен сообраќај, што ги нарушува синџирите на снабдување во централна Европа. Во Италија е отежнaто наводнувањето и снабдувањето со вода за пиење.

Нискиот водостој создава дополнителни предизвици и за нуклеарната централа „Пакс“ во Унгарија, која ја користи водата од Дунав за ладење на реакторите. 

Во Србија е намалено производството во хидроелектраните „Ѓердап 1“ и „Ѓердап 2“, а властите предупредуваат дека состојбата може дополнително да се влоши во следните месеци.

„За жал, прогнозите не се добри. Овде е забележано дека рекордно ниско ниво на водата од 143 см е достигнато во 1909 година, но мора да се има предвид дека ова се случило во месец јануари. Тоа беше резултат на долгорочен пад што започна во претходен период. Дури сега влегуваме во периодот кога се очекува Дунав дополнително да се повлече во следните два до три месеци, па затоа прогнозите не се добри“, изјави српскиот министер за земјоделство, Драган Гламочиќ.

Ниското ниво на Рајна во Германија повторно откри стар потонат рибарски брод кај градот Нојс, а кај Вормс се појавија т.н. „камења на гладот“ – историски обележја поставувани во реките за време на големи суши како предупредување до идните генерации дека ниските водостои можат да донесат глад и тешки времиња.

Во меѓувреме, македонскиот електроенергетски систем засега останува стабилен. Од Министерството за енергетика уверуваат дека во моментов нема ризик за сигурноста на производството на електрична енергија во земјава.

„Состојбата со акумулациите во моментов е стабилна и овозможува сигурно управување со домашниот хидропотенцијал. Хидропотенцијалот е со вкупна исполнетост на акумулациите од околу 70 проценти. Тоа овозможува да се одговори на актуелните потреби во рамките на планираното производство“, пишуваат од МЕРМС.

Дека Македонија годинава има поволна хидролошка состојба оценува и хидрологот Атанас Угрински. Според него, врнежите во текот на годината обезбедиле подобра водна состојба во споредба со дел од европските земји.

„Оваа година имавме прилично добра хидролошка ситуација. Имаше врнежи од дожд, од снег во текот на годината. Во текот на месец февруари и март имаше и поизразени врнежи и од дожд и од снег. А исто така и оваа пролет се карактеризираше со краткотрајни интензивни врнежи во попладневните часови, така што можам да кажам дека не очекувам така драматична суша каква што спомнавте во Западна Европа кај поголемите реки како Дунав, Рајна итн“, изјави тој за Сител.

Според него, водостоите во земјава засега се на задоволително ниво, иако продолжен сушен период би можел да донесе намалување на водостоите.

„Во реките сè уште има доволни количини на вода како за овој период од годината. Исто така, езерата не се на минималните коти, така што изворите исто така не се ни блиску до минималните водостои, така што очекувам прилично добро да го пребродиме овој сушен период. Иако не се знае колку би траел нели, доколку имаме продолжен во текот на август, септември, секако дека може да има уште пониски водостои, но мислам дека има добра основа за подобро да го пребродиме сушниот период за разлика од овие западноевропски земји“, додава Угрински.

Топлотниот бран што ја зафати Македонија продолжува и во следните денови.