Еден месец по смртта на Јана нема исход од истрагата
И по речиси еден месец од смртта на Јана Христовска од Битола, не се знае како почина 6 годишното девојче истиот ден по приемот во педијатриското одделение. Родителите ја чекаат вистината, битолчани бараат правда, но обдукцискиот наод се уште не е готов.
Иста судбина и исчекување има и семејството на родилката која го изгуби бебето само неколку часа по породувањето во истата болница. И за овој случај обвинителствтото го чека извештајот од обдукцијата а Комисијата за стручен надзор се уште не се изјаснила дали биле почитувани протоколите согласно медицината базирана на докази.
Младата жена која остана без новороденчето на социјалните мрежи ја сподели голготата низ која поминала обвинувајќи за непрофесионалност, ривалство и дрско однесување на доктори. Оваа објава предизвика лавина од реакции кај граѓаните, но не и од надлежните институции.
Министерот за здравство иако беше во битолската болница, не кажа каква е состојбата во установата од каде пред трагичните настани неколкупати бараа итно вработување на најмалку 100 медицински лица.
Во краткиот одговор од Министерството за здравство кажаа дека назначената нова в.д. директорка ќе ги посочи потребите во однос на кадарот.
-Стручната комисија работи на изготвување на извештајот од извршениот стручен надзор на КБ Битола, имајќи предвид дека се уште не е поминат законскиот рок од 8 работни дена од денот на извршување на надзорот (направен на 12.04)
Во КБ Битола е назначена нова в.д. директорка, која ќе ги посочи потребите во однос на кадарот.
Досега епилогот од двата смртни случаи во рок од две недели во битолската болница е поднесената оставка на Александар Обедниковски кој го наследи Елизабета Ивановска.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
