Џафери без одговор дали иницијативата за референдум е прифатлива, Левица со поддршка за процесот
Собранискиот спикер Талат Џафери и по пет дена откако ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе Иницијативата за референдум за поништување на Договорот со Бугарија молчи дали воопшто го примил ваквиот документ. Од приемот на Инцијативата пак, зависи и почетокот на собранискиот филтер околу нејзината уредност и собирањето на граѓанските потписи.
Имено, ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе Иницијативата до претседателот на Собранието, но обегна да го искористи уставното име на државата. Ова, како што велат упатените, дава можност Џафери и веднаш да го врати документот.
Доколку сепак, спикерот ова не го види како пречка, тој веднаш по приемот Инцијативата треба да ја испрати до Законодавно-правната комисија и до Комисијата за политички систем.
Од ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјаснија дека се подготвени и да ја доуредат Инцијативата за власта да нема процедурални изговори да го спречи собирањето на граѓанските потписи и рефрендумот. Од СДСМ пак, велат рефрендумот е измама на Мицкоски за да ја задржи лидерската позиција во својата партија.
Во меѓувреме „Левица“ даде поддршка на референдумот на ВМРО-ДПМНЕ иако има забелешки.
„Иако опозициската иницијатива за задолжителен дополнителен референдум со кој би престанало важењето на контроверзниот Закон за ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија содржи несреќно формулирано референдумско прашање, сепак – во духот на семакедонското обединување и јакнење на фронтот против окупационата влада на СДС и ДУИ – Левица ќе даде парламентарна и теренска поддршка за спроведување на Референдумот!“, соопштуваат од партијата на Апасиев.
Евроамбасадорот Гир, пак, посочува дека сите, и владата и опозцијата, треба да вложат напори за евроинтеграциите и не треба да прават чекори назад.
Добрососедските односи се суштински дел од пристапниот процес и ЕУ неколкупати кажа дека Договорот за добрососедство со Бугарија, како и Преспанскиот договор, мора да се имплементираат во добар дух од сите. Секоја иницијатива што би можела да биде назадување и со тоа да го попречи патот на земјата во ЕУ-интеграциите, навистина би требало да се избегнува.
Гир вели дека стратешката цел – членство во ЕУ треба да биде и водилка за најавените уставни измени на кои државата се обврзала.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
