Државниот врв со позитивни очекувања за иднината, меѓународните партнери со честитка за независноста
Граѓаните се уште не живеат во уредена и просперитетна држава за каква гласаа пред 32 години, вели шефот на државата во честитката за 8ми Септември Според Пендаровски цената за нефункционалниот систем ја плаќаат учениците во образованието, болните во здравството, сиромашните и младите. Крајно време е вели Пендаровски државата и во пракса да покаже дека може да се справи со сериозните проблеми.
Овој 8ми Септември го дочекуваме во напредна држава, членка на НАТО и со реални шанси за членство во ЕУ до 2030та порачува премиерот Ковачевски.
Генерацијата која пред 32 години сонуваше за напредна и горда држава, денес ги живее најмрачните години на криминал и корупција, пишува Мицкоски.
„Но овој празник е во исто време и празник на надеж и празник на борба за Македонија. Таа борба никогаш нема да престане. Овој народ е пиреј и ќе се избори со сите предизвици. Македонија ќе победи против корумпираната елита на власт и нивните пиони. Нашата обврска како ВМРО-ДПМНЕ е заедно со народот да го направиме тој ресет и да ја издигнеме Македонија од оваа апатија и овие црнила. Тоа ќе го успееме, затоа што силно веруваме во тоа“, стои во честитката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Потребно ни е единство како никогаш досега за да го оствариме сонот за успешна и слободна Македонија, порачуваат и од Социјалистичката партија.
„Во наредниот период не смееме да дозволиме непромислени одлуки од кои би се каеле и со последици кои би ги чувстувале долго во иднина. Само единствени и сплотени, со јасна визија и зацртана цел, ќе успееме Република Македонија да ја одбраниме, да ја сочуваме и одново да ја ослободиме“, велат од СПМ.
Честитки пристигнаа и од меѓународната заедница.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во која ја истакнува поддршката на САД за натамошно јакнење на односите помеѓу двете земји.
„Соединетите Американски Држави ја поддржуваат Северна Македонија во спроведувањето на реформите за интегрирање во Европската унија и воспоставување уште посилни односи со соседните европски земји. Северна Македонија направи големи чекори за да обезбеди просперитет на сите нејзини граѓани додека се соочува со предизвици, а ние стоиме со вас во вашите напори да го промовирате владеењето на правото. Со нетрпение очекуваме да го зајакнеме нашето партнерство со Северна Македонија и да ги унапредиме нашите заеднички демократски вредности во годините што доаѓаат“, пишува во честитката на Блинкен која ја објави Стејт депарментот.
Патот на Македонија кон независноста не беше само борба за политичка автономија, туку беше доказ за трајната моќ на единството, порачува европратеникот и известувач за напредокот на Македонија, Ќучук.
Преку видео со заедничките активности со македонските војници, денот на независноста го честиташе и НАТО Алијансата.
Честитка за 8ми Септември засега не испрати ниту една од албанските политички партии во земјава.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
