Македонија
14. April 2026 - 16:30

Борба против корупцијата и меѓу своите редови, најави директорот на Царина

Рекордна наплата од 12 милијарди денари или 195 милиони евра регистрира Царината за само еден месец. Овие приходи биле собрани лани во јули и се највисоки од работењето на Управата.

Од увоз и внатрешен промет вкупно во 2025-та биле наплатени нешто над 2 милиони евра, а во првите 3 месеци од годинава, близу 24 милиони евра повеќе во однос на истиот период лани. Директорот на Управата е задоволен од бројките – давачките кон државата вели дека мора да се плаќаат. Затоа најави бескомпромисна борба против корупцијата и меѓу своите реови.

- За криминалот нема да има место таму каде што од петни жили секој Божји ден се трудиме да градиме силна институција. Промените во системот бараат време, но и одлучност. Во секој амбар сигурно има по некое неквалитетно зрно, но ќе го истребиме. Нашата улога не е само да контролираме, туку да заштитиме, да спречиме и да покажеме дека законот важи подеднакво за сите. Компаниите што работат законски мора да имаат сигурност и предвидливост. Нашата улога е да обезбедиме услови во кои чесното работење е предност, а за нелојалната конкуренција, нема простор. Така се создава здрава економија и се отвораат нови бизнис можности, изјави Бобан Николовски, директор на Царинската управа.

Царината во изминатите 20 месеци спречила над 2,700 обиди за нелегални дејствиија. Лани биле поднесени  213 кривични пријави, а во првото тромесечие – 49.

- Во делот на кривичните пријави, гледате дека има година, тоа беше 2025 којашто е за пет пати побројна од просекот помеѓу 2017 и 2023. Тоа се навистина параметри коишто ја отсликуваат работата на Царината и бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата што претставува основа за успешна работа на Царината. И јас сум убеден дека во годините коишто следат Царинската управа така и ќе продолжи да работи, бескомпромисно кон криминалот и корупцијата, а посветено за граѓаните, изјави Христијан Мицкоски, премиер

Инаку Царинската управа одбележува 34 години од своето постоење. По тој повод денеска ги награди и најдобрите царински службеници.