Анализа: Жешко лето со тешки одлуки ги очекуваат уставните судии - По кои предмети ќе се постапува?
Уставниот суд утре ќе поведе постапка за изрекување времена мерка со која ќе се стопира примената на Упатството за матични книги, потпишано од министерот за правда, брифираат високи извори од судот за Сител.
Времената мерка ќе важи додека не биде донесена конечната одлука, која според наши извори треба да да се случи кон средината на септември.
Со оглед дека Уставниот суд сам поведе иницијатива за отворање на постапка, се очекува сите судии да бидат едногласни. Времената мерка ќе важи додека постапката не влезе во втората фаза, кога треба да се пресече дека Упатството ќе биде укинато.
Сепак, и по ваква одлука на Уставниот суд, нема механизам да се поништат веќе извадените изводи од матичната книга на родените каде е задолжителна графата националност, за што веќе се пофали и министерот Лога.
Упатството не е единствената жешка тема на која треба да работат уставните судии. И Законот за работни односи кој беше изгласан за изградбата на коридорите 8 и 10 д, ќе се најде на маса пред уставните судии. Засега на нивна адреса пристигната е една иницијатива, а уште една најавуваат и од Синдикатите.
Нашите извори велат дека иако станува збор за нов закон, за очекување е судот повторно да носи иста одлука како и претходно – односно дека за работниците е јасно утврдено во Устав колку трае една работна недела. Дополнително највисокиот правен акт не пропишува работниците да се откажат од своите загарантирани права, велат извори од Уставниот суд.
Најдоцна до октомври ќе се наосат одлики и за поднесените иницијативи за Преспанскиот договор, но и за Законот за употреба на јазици. Скоро 20 иницијативи веќе три години стојат заглавени во фиоките на уставните судии, бидејќи партламентот никако да избере уште двајца уставни судии, за да може да се носат одлуки.
Но, овој пат Уставен нема да чека до недоглед парламентот да се одлучи. На последниот состанок уставните судии се согласиле дека по предметите ќе одлучуваат седумте судии, колку во моментов се и во составот на судот.
И шефицата на Уставен суд, Добрила Кацарска на средба со новинарите, ја критикуваше работата на парламентот велејќи дека пратениците се мајтапат со судот и граѓаните и не гласаат за избор на уште двајца судии со кои треба да се комплетира составот со 9 уставни судии.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
