Американски медиуми пишуваат дека Иран се уште располага со голем дел од ракетниот арсенал

Иран се уште располага со поголемиот дел од своите мобилни ракетни системи и ракетен арсенал, објавија американски медиуми повикувајќи се на доверливи проценки на американските разузнавачки служби.
Според „Њујорк тајмс“, проценките покажуваат дека Техеран задржал околу 70 проценти од мобилните лансирни системи и од предвоените резерви на ракети. Исто така, весникот пишува дека Иран повторно има пристап до поголемиот дел од подземните ракетни бази и околу 90 проценти од подземната инфраструктура и лансирни рампи.
Слични информации претходно објави и „Вашингтон пост“, повикувајќи се на американски функционер кој навел дека Иран се уште располага со околу 75 проценти од мобилните лансери и околу 70 проценти од ракетниот арсенал на предводените капацитети.
Според извештаите, иранското раководство успеало повторно да ги оспособи речиси сите подземни складишта, да поправи дел од оштетените системи и да обезбеди нови.
„Њујорк тајмс“ наведуваат дека некои високопоставени американски претставници се особено загрижени поради тоа што Иран повторно оспособил ракетни позиции долж Ормуската Теснина.
Инаку, во моментов на сила е кревко примирје, додека преговорите за окончување на конфликтот се во застој.
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ги нападна медиумите поради начинот на известување за конфликтот со Иран, оценувајќи дека тврдењата оти Иран воено „се држи добро“ претставуваат „виртуелно предавство“.
Извештаите на американските медиуми се разликуваат од ставот на администрацијата на САД, која претходно тврдеше дека Иран бил значително воено ослабен по конфликтот што Израел и САД го започнаа кон крајот на февруари.
Во меѓувреме, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет ги отфрли обвинувањата дека војната со Иран ги исцрпила американските резерви на ракети и муниција, по критиките од дел од демократите дека САД би можеле да станат поранливи во случај на нов голем конфликт.
„Точно знаеме со што располагаме. Имаме доволно од тоа што ни е потребно“, изјави Хегсет пред поткомитет на Претставничкиот дом.
Претседателот на Здружениот генералштаб на САД, Ден Кејн, исто така изјави дека американската армија располага со доволно муниција за тековните задачи.
МИА
Ново на Сител
-

Ново судење за пожарот во кочанската дискотека
-

Пуштени во употреба новите реконструирани сали за операција во ГОБ „8 Септември“
-

Мицкоски: Со неверување ја примив информацијата за запрената постапка за мазутот
-

Подготвен нов закон за природа
-

Првото „ФИФА Арена“ игралиште во Македонија отворено во Општина Босилово
-

„Калиманци“ полна, каналите стари, стартува наводнувањето во Овче Поле
-

Преглед на вестите од светот
-

Втора шанса за прв впечаток: Може ли Скопје и Софија да ги поправат скршените односи?
