„Калиманци“ полна, каналите стари, стартува наводнувањето во Овче Поле
До крајот на работната недела стартува наводнителната сезона за земјоделските површини во Овче Поле. Вода за наводнување во браната „Калиманци“ има доволно за да ги задоволи потребите на земјоделците, и на оризопроизводителите од Кочанско и за посевите на детелина и пченка во Светиниколско. Меѓутоа, како и секоја година наназад проблем е нејзината дистрибуција, поради застарената и дотраена инфраструктура на ХС „Брегалница“, изградена пред повеќе децении.
- „Калиманци“ во моментот е на кота 513, што значи дека имаме 105 милиони кубни метри вода. Оваа година ќе имаме проблем со испораката, бидејќи не смееме да заборавиме дека ХС „Брегалница“ е стар 50 години и не е одржуван како што треба, но мислам дека успешно ќе ја завршиме приказната, изјави Горанчо Зашов, директор на ХС „Брегалница“- Кочани.
Оризовите површини веќе се при крај со полнење, а прившува и сеидбата. Зашов додава дека се прават напори да се испочитува оптималниот рок за наводнување.
- Во Кочанско и Штипско што се под ориз, моментално се полнат полињата. За 2 до 3 дена ќе намали интензитетот на полнење, така што оптималниот рок за Свети Николе, да добијат вода помеѓу 15-ти и 20-ти мај ќе го запазиме и ќе испорачаме вода кон Свети Николе. Да го испереме каналот и потоа ќе можат слободно да наводнуваат, изјави Зашов.
Проблемот со наводнување на земјоделските површини во Овче Поле се провлекува со години наназад, поради што се организираат протести со блокада на патиштата во регионот. Земјоделците постојано предупредуваат дека без сериозна реконструкција на системот, производството во Овче Поле останува зависно од временските услови и е соочено со постојана неизвесност.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
