Loading Video...
Македонија
13. May 2026 - 12:22

Првото „ФИФА Арена“ игралиште во Македонија отворено во Општина Босилово

Општина Босилово го доби првиот фудбалски терен во Македонија изграден во рамки на глобалниот проект „ФИФА Арена“. Новото мини игралиште, лоцирано во селото Турново  е наменето за подобрување на условите за тренинг и спортски активности кај младите.

Станува збор за иницијатива на ФИФА преку која ширум светот треба да бидат изградени повеќе од илјада мини фудбалски терени  со цел развој на базичниот фудбал и создавање подобри услови за децата и младите.

За претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, ваквите фудбалски терени не претставуваат само инвестиција во спортската инфраструктура, туку и вложување во иднината на децата, нивното здравје, дружење и правилен развој. 

За градоначалникот на Општина Босилово Ристо Манчев, новото фудбалско игралиште е инвестиција со повеќекратна корист за локалната заедница. Освен што ќе придонесе за подобри услови за развој на спортот, теренот ќе биде и место каде младите ќе можат активно да го поминуваат слободното време, да се дружат и да се насочат кон спортот и здравите животни навики.

Од Фудбалската федерација на Македонија најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со вложувања во развојот на спортската инфраструктура и базичниот фудбал. Оттаму посочуваат дека покрај Босилово, наскоро и многу други општини низ државата ќе бидат опфатени со проектот „ФИФА Арена“.