Ахмети смета дека нема влада без ДУИ и по следните избори
Премиерот Ковачевски не потврдува дека имал остра дискусија со Курти за неговата посета во Тетово. Вели дека на вечерата во Атина имале нормални разговори како двајца премиери на соседни држави.
Јас изразив многу јасен став дека добрососедските односи се основа за градење на економските и кои било други врски помеѓу државите од регионот и дека добрососедските односи се основа за понатамошно интегрирање на регионот во ЕУ. Дополнително што се потврдило во минатото дека Северна Македонија секогаш се придржувала кон исклучително високо ниво на почитување на своите соседи и истото тоа го очекуваме од сите наши соседи. Така што се работи за една нормална дискусија на премиер на земја членка на НАТО со премиери на соседни држави со коишто можам да кажам дека имаме одлични врски и каде што динамиката на поединечни изјави и поединечни акти не може да го диктираат главниот дискурс на добрососедски односи и на нивна интеграција во ЕУ, рече Ковачевски.
Реакциите за именувањето на улицата „Адем Демачи“ и посетата на Курти, според лидерот на ДУИ биле злоупотребени од страна на опозицијата во земјава. Во интервју за косовската државна телевизија Ахмети вели дека Ковачевски и Пендаровски избрзале со реакциите.
Не еднаш, македонската опозиција побара од мене да ги навредам, за да им го зголемам рејтингот кај македонската заедница. Но, јас не го направив тоа. Им реков на претседателот и на премиерот не брзајте затоа што паднавте во стапицата што е подготвена. Убеден сум дека премиерот и претседателот на Македонија, ниту премиерот Курти не го знаеја ова и дека оваа ситуација доби меѓудржавна димензија која не е корисна за никој“ рече Ахмети.
Најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека ДУИ ќе замине во опозиција според Ахмети се само сон, бидејќи вели дека неговата партија и на следните избори ќе биде победник.
Опозицијата може секој ден да бара избори и да ја гледа ДУИ во опозиција, но треба да се освестат дека гледале сон што нема да се оствари. ДУИ не се победува со пароли и гнев, напротив, кога дури и Зоран Заев нѐ гледаше во опозиција, ние освоивме за над 50 отсто повеќе мандати и излеговме како победници. Значи, нека мислат тие партии што сакаат, но ДУИ нема да стане опозиција, затоа што сите овие години постигнуваме опипливи работи и, да нагласам, со ДУИ Албанците беа факторизирани на државно и институционално ниво“, изјави Ахмети.
Можноста ДУИ по цели 20 години да замине во опозиција, Мицкоски ја отвори пред неколку месеци, порачувајќи дека е подготвен на пакт за национално единство со сите не криминализирани сегменти.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
