Македонија
21. September 2026 - 12:33

Жетвата на ориз започна, проблемите останаа нерешени

Во Кочанско започна жетвата на оризот. Првите комбајни веќе се на нивите, но производителите годинава не очекуваат добра реколта. На дел од парцелите плевелот го презел приматот. Најголем проблем е просото, кое според земјоделците значително го намалува приносот.

- Околу 40% од површините се под плевел, бидејќи тоа е резултат, како што кажавме, на онаа касна сеидба, касно пуштање на водата, касно третирање, препарати неефикасни. И тоа е резултат на она што сега го имаме на теренот, дека плевелот, просото, кое е најдоминантно во оризовата површина, и ние сега се бориме со него, изјави Тони Максимов, оризопроизводител.

Производителите бараат промени и во системот за заштита на оризот. Од државата очекуваат да им овозможи на регистрираните земјоделци сами да увезуваат препарати. Бараат и посебни правила за откупот и продажбата на белиот ориз. Дополнително, инсистираат на нова производна цена, која ќе ги земе предвид реалните трошоци.

- Нашите барања беа следните, 4.800 денари по декар за реколта 2025-та да ни се исплатат во најкраток можен рок, како и изготвување на нова производна цена додека жетвата нема започнато, но, за жал, уште не е направено тоа, вели Здравко Арсов, оризопроизводител.

Околу 4.000 хектари годинава се засеани со ориз во Кочанско. Колкава ќе биде конечната реколта ќе се знае по завршувањето на жетвата. Првите проценки, сепак, се загрижувачки. Производителите очекуваат само 300 до 350 килограми ориз по декар. За нив, жетвата повторно започнува со неизвесност, со помали приноси, високи трошоци и сè уште нерешено прашање околу откупот и цената.