Македонија
21. September 2026 - 12:31

Празникот Мала Богородица одбележан во манастирот во Вељуса

Со празнични литургии и молитви православните верници денеска ја одбележуваат Мала Богородица.Во струмичко, еден од најпосетените верски објекти за празникот е манастирот ,,Воведение на Пресвета Богородица Елеуса,, во Вељуса. Празнувањето започна уште синоќа, а продолжи и во текот на денешниот ден.

Ниту врнежливото време не ги спречи верниците да дојдат во еден од најстарите манастири во државата и да ѝ оддадат почит на Мајката Божја.

За отец Симеон од Струмичката православна епархија, Раѓањето на Пресвета Богородица е значаен празник кој го означува почетокот на радоста и спасението.

Во Вељуса и оваа година  пристигнаа верници од повеќе краеви на државата. За нив, празникот е ден исполнет со духовна радост и заедништво.

Вељушкиот манастир постои од 1080 година, кога тивериополскиот епископ Мануил подигнал црква посветена на Богородица. Според манастирските преданија, таа е единствената црква од тој период во земјава целосно сочувана без доградби.

Празнични литургии беа одржани и во останатите православни храмови во Струмичката епархија.