Жетвата на јачменот во полн ек, откупната цена екстремно ниска
Жетвата на јачменот во штипско и Овче Поле е во полн ек, при што речиси половина од површините веќе се ожнеани. Но, најголемото незадоволство кај земјоделците годинава е токму околу цената. Откупната цена на јачменот од 9 до 10 денари за килограм ја оценуваат како исклучително ниска и неисплатлива, бидејќи, како што велат, не ги покрива ниту основните трошоци за производство. Според нив, ваквата цена на јачменот директно ги става во загуба и ја прави целата работа економски неодржлива, особено во година со намалени приноси. Земјоделците предупредуваат дека со вакви откупни услови тешко ќе успеат да ги вратат вложените средства, а уште помалку да остварат каква било добивка.
- Цената на јачменот има понудено од откупувачтие 9 до 10 денари. За пченицата се уште не знаеме, немаме никаков податок која ќе биде цената, сега за сега е тоа. Производителите бараат да не биде испод 16, затоа што испод тоа ќе бидат во загуба, бидејќи тука, Овче поле, штипско, пробиштипско, ќе имаме мал принос да речеме на пченица, нема да биде повеќе од 2 и пол тона по хектар, а за јачменот 3 тона по хектар. И кога ќе направиме пресметка, излегува дека треба да е 19 денари производната цена, изјави Гоце Серафимов, потпретседател на Асоцијација на земјоделци.
Земјоделците додаваат дека годинава родот е послаб поради слаби пролетни дождови и суша во клучниот период на развој на културите, што дополнително ја влошило состојбата. Сепак, очекуваат во наредниот период откупувачите да излезат со покоректни и повисоки цени, особено за пченицата која допрва ќе се жнее. Без подобрување на цената на јачменот и пченицата, велат дека тешко ќе ја покријат целата годинешна работа и вложувања, поради што бараат поголемо разбирање и пофер пазарни услови.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
