Македонија вчера го имаше најтешкиот ден годинава во борбата со пожарите
Македонија вчера го имаше најтешкиот ден годинава во борбата со пожарите на отворен простор. Гореше на над 40 места, а најкритично беше кај селата Лознани и Ново Селани во битолско за кои имаше огромна опасност да бидат проголтани од огнените јазици.
Брзата реакција на ТППЕ Битола и екипите на ДЗС ги спасија населените места, каде огнот беше на само неколку метри од првите куќи. Во гаснењето активно учество зеде и месното население, како Александар Чепиговски кој со својот трактор спречи ширење на пожарот.
Пожарникарите сметат дека сите пожари во Пелагониско се подметнати. Денес голем дел од нив се ставени под контрола.
„На едно место во битолскиот регион оставаме еден крак од пожар кој се протега низ место кое е полно со неексплодирани убојни средства, што не дозволува човек влезе поради опасноста да дојде до експлозија и некој да настрада. Ќе чекаме пожарот да излезе од местото кое е полно со вакви убојни средства од Прва светска војна, па дури потоа ќе дејствуваме врз овој пожар“, вели Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Денеска до до 13:00 часот имаше регистрирани вкупно 12 пожари на отворен простор, од кои активни се 6 пожари, под контрола се 2 пожари, а 4 пожари се веќе изгаснати. Најтешко е во општина Студеничани, каде пожарот го гаснат 3 Ер трактори на ДЗС, а теренот е крајно непристапен и тежок. Втор ден гори и кај селото Драгв Дол во М. Брод.
Во пожар кој гореше кај месноста Кронејца кај Прилеп се зафати и изгоре целосно објектот на семејството Богески, кои тука чувале над 6.000 низи со тутун. Штетата ја пресметуваат на над 70.000 евра. Се пожалија дека против пожарната бригада пристигнала со возило во мал капацитет.
„Пожарното возило дојде со црево во големина на ¾, значи со многу мал млаз на вода. На прашањето мое зошто нема големо возило дојдено, со хидрански топ, ми одговорија: „пратени сме ние да гасиме сува трева. Значи ако имаше барем едно големо возило објектот ќе се спасеше“, вели Горан Богески, сопственик на изгорениот имот.
Семејството го посетоија и од Сојузот на тутунски здруженија од каде побараа помош од сите откупни фирми, општината и државата за овој тутунопроизводител.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
