Македонија
7. January 2024 - 17:07

Желби за мир и спокој во божиќните честитки на државниот врв

Мир во земјата и добра волја меѓу луѓето посака Претседателот Стево Пендаровски во својата божиќна честитка до граѓаните.

Годинава Божиќ се празнува во време на голема неизвесност, страв и човечки страдања предизвикани од војни, кризи и социјални неправди. Предизвиците не ги одминуваат ниту македонските граѓани, особено најранливите меѓу нас. Како заедница на верните, Црквата е повикана активно да учествува во обновата на надежта. Со солидарност кон ранливите, со заложби за социјална правда, со личен интегритет, со почит кон различните, Црквата и верниците можат да придонесат кон обновата на довербата и добрината во нашата заедничка македонска татковина, порача Претседателот Пендаровски кој заедно со сопругата утрово беше на богослужба во Охрид.

Нека празникот, со сето свое волшепство рефлектира топлина во овие зимски денови, порача спикерот и иден технички премиер Талат Џафери во својата честитка.

„Важно е да се споделува благородна мисла, убава желба и топла прегратка. Сите имаме потреба од зборови на поддршка кои даваат мир и спокој во душата и домовите, кои даваат надеж и верба во подобро утре и кои влеваат оптимизам дека новата година ќе донесе убави и позитивни вести за нашата земја“ – порача Џафери.

Во Охрид утрово беше и Премиерот Ковачевски. Во видео честитка која ја објави Владата, актуелниот премиер повика на љубов, почит, грижа и разбирање.

Повик за обединување и заедничка борба од од пред Собораниот храм во Скопје денеска упати и опозицискиот лидер кој за Божиќ со семејството остана во Скопје.

Мир, спокој во својата Божиќна честитка посака и лидерот на социјалистите Љупчо Димовски.
Прославувајќи го Христовото раѓање ги славиме мирот и радоста, љубовта и разбирањето, вербата и надежта, помагањето и дарувањето, заедништвото и помирувањето. 

Затоа сме благодарни на Христовата милосрдност и бескрајна љубов, се вели во честитката на Димовски.