Македонија
12. August 2026 - 12:36

Зголемен интерес за упис на УГД-Штип

Повеќе од 560 кандидати досега се пријавиле за упис на прва година на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Бројката е за околу 28 отсто поголема во споредба со истиот период минатата година. Првиот уписен рок ќе се одржи на 19, 20 и 21 август, на 12 факултети и три академии. Прелиминарните резултати ќе бидат објавени на 26, а конечните листи на 31 август.

-Наши тимови се веќе подготвени и присутни на работните места и ќе ги сервисираат сите потреби како и досега за пријавување на студентите за упис. Документите ќе се примаат не само во Штип, туку и во Скопје и Струмица, изјави Дејан Мираковски, ректор на УГД-Штип.

За идната академска година УГД располага со 3.399 слободни места, 1.692 во државна квота, 972 со кофинансирање и 735 места за вонредни студенти. За најдобрите кандидати е обезбедено и ослободување од партиципација, под услов да имаат освоено повеќе од 80 поени.

-Дваесет студенти на Медицинскиот факултет, односно 10 на Општа медицина и по пет на фармација и дентална медицина, на Факултетот за информатика 10, Земјоделски 10, Факултет за природни науки и технички науки 10, Економски факултет 10, Правен факултет 10, Факултет за туризам и бизнис логистика 10, и по пет студенти на Електротехничкиот, Машинскиот, Технолошкиот и Факултетот за образовни науки, додаде Мираковски.

И годинава, кандидатите кои ќе одберат да студираат македонски јазик на Филолошкиот факултет, ќе бидат целосно ослободени од партиципација во сите четири студиски години. УГД продолжува да привлекува и странски студенти. Најголем интерес има од студенти од Турција, а пријави има и од земји членки на ЕУ.

-УГД станува атрактивен веќе подолг период за студенти од повеќе земји, посебно за земјите од опкружувањето. Имаме пријавено студенти од Србија, од Грција, од Бугарија. Посебно од Србија има интерес во одредени сфери, изјави Мираковски.

Најголем интерес досега има за медицинските науки, а потоа следуваат информатиката, економските и правните студии.