Македонија
24. јуни 2026 - 16:33

„Здрава Котлина“ порачува, рудник на Огражден нема да има, Владата мора повторно да одлучува

„Државата се предаде, но законот се уште стои“ - ова е пораката што ја испратија еко активистите кои се против отворањето на рудникот на Огражден над селата Иловица и Штука, откако Владата објави дека Вишиот управен суд донел пресуда со која се поништува претходно донесената одлука со која се поништи спојувањето на двете концесии.

Преку објави на социјалните мрежи тие порачаа дека нема багер на Огражден, нема дупчење и нема вработен на Еуромакс, подизведувач, геолог или археолог кој ќе работи додека законот не се примени рамноправно. Воедно, активистите бараат Владата повторно да одлучува бидејќи, како што велат, тоа е нејзина должност.

„Донесете одлука за одбивање на спојувањето врз основа на член 54 , десет години истечен рок. Врз основа на член 61 , нееднаков правен третман поради колатерал. Врз основа на правната логика , анексот никогаш не настапил. Донесете одлука за едностран раскин согласно член 51. Одземете ги концесиите Иловица 6 и Иловица 11. Не поради притисок, не поради народот на улица, туку затоа што тоа го бара законот кој постои“, стои меѓу другото во барањето на еко активистите од „Здрава Котлина“.

Нивната реакција доаѓа откако Владата претходно информираше за одлуката на Вишиот управен суд, со која се поништува претходната одлука за престанок на спојувањето на двете концесии. Од владата образложија дека станува збор за конечна судска одлука која тие  како институција што го почитува владеењето на правото, се должни да ја почитуваат.

Истовремено, информираа дека ова прашање не е резултат на одлуки донесени од актуелниот владин состав, туку претставува наследена правна состојба која произлегува од одлуките за спојување на концесиите донесени во јуни 2023 година, како и од последователните одлуки за нивен престанок донесени само еден месец подоцна, по што беше покрената судска постапка пред надлежните судови.