Кој стои зад информациите дека водата во Скопје наводно е небезбедна за пиење?
Кој стои зад информациите дека водата во Скопје е небезбедна за пиење? Одговорот допрва треба да го открие полицијата. Секторот за комјутерски криминал веќе презема мерки и активности. И денеска неколку лица се повикуваат на информативен разговор, но властите не откриваат точен број и детали за кое евентуално кривично дело би одговарале оние кои ширеа информација дека има бактерија ешерихија холи во водата за пиење во Скопје.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски директно ја обвини опозицијата за оркестриран напад и ширење паника меѓу населението, во услови кога сите примероци на ЈКП Водовод покажале дека водата е безбедна за пиење.
Дали станува збор за скриени или јавни профили, може да биде клучно во истрагата, ценат експертите.
„Тие информации се прошириле преку Вибер групи. Тие може да ги откријат тие Вибер групи и да видат кои луѓе членуваат во тие групи, да се вратат на првата порака, да се види кое лице ја објавило таа порака, дали тоа има телефонски број којшто може да се идентификува, да се контактира и да се дојде до лицето кое прво ја објавило веста. Исто на социјалните мрежи Инстаграм и Фејсбук“, изјави Орце Симов, претседател на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации.
Симов додава ако се работи за организирани структури коишто од политичка природа сакаат да внесат вознемирување, паника во јавноста тие може многу тешко да се откријат.
„Доколку некој со злонамерна намера сака да го направи тоа тогаш многу тешко ќе се открие, по што тој може да отвори анонимен акаунт, и преку било која социјална мрежа да ги шири тие лажни информации. Доколку, некој корисник ненамерно, тогаш тој лесно може да се открие затоа што на неговиот социјален профил на социјалната мрежа може лесно да се открие неговиот идентитет кое е тоа лице“, додаде Симов.
Овој случај го отвори и прашањето за довербата во институциите – колку лесно граѓаните веруваат во информација на социјалните мрежи, кога немаат доволно доверба во системот?
„Ако сакаме да дојдеме до луѓето веруваат во своите институции коишто ги информирале и власта и опозицијата треба да работата за поддршка на институциите, во интерес на граѓаните за решавање на проблемите. Се додека се чека секоја прилика од секој опозиција од минатото и денес да се критикува а не да се поттикнува институциите да работат, и обратно откако се доаѓа на власт, иако се зборувале овие работи, не се нафаќа да се решат овие работи и не се побара да се подаде рака кон сите, граѓаните ќе бидат незадоволни, нема да имаат доверба“, изјави за Сител комуникологот Бојан Кордалов.
На вчерашната прес-конференција властите прикажаа анализи кои покажаа дека водата во Скопје е безбедна за пиење и дека ниту ден примерок не покажал присуство на ешерихија коли или каква било друга бактерија.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
