Македонија
13. August 2026 - 16:42

Артан Груби заработи обвинение, се бара и продолжување на домашниот притвор

Поранешниот вицепремиер, Артан Груби, заработи обвинение за злоупотреба на службената положба – заедно со уште седум лица, ја оштетиле Државната лотарија за повеќе од 8 милиони евра. Истрагата за овој случај траеше речиси две години, половина од периодот Груби го помина во бегство, а по неговото враќање во земјава во февруари, Скопското јавно обвинителство денеска поднесе обвинение.

Со него опфатени се уште поранешниот директор на лотарија, Прпарим Бајрами кој е во бегство, како и поранешниот Генерален секретар на владата, Методија Димовски. Според обвинителството, иако биле свесни дека државната лотарија не смеела да приредува игри на среќа, сите заедно презеле дејствија за лотарија да почне самостојно да организира електронски игри на среќа, а за тоа да набави и сопствени видеолотариски терминали. Постапката ја иницирал обвинетиот Бајрами како тогашен директор на лотарија.

Првиот обвинет генерален директор и претседател на Управниот одбор на “Државна лотарија” на 09.05.2023 година, до третиот обвинет – Генерален секретар на Владата на РСМ доставил Информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување на електронските игри на среќа. Во информацијата со предлог заклучоци навел дека вредноста на набавката изнесува 42% од сметководствената вредност на имотот на друштвото, определена врз основа на последните финансиски извештаи на друштвото и како таква ќе претставува голема зделка, а нејзиното одобрување е во надлежност на надзорниот одбор на друштвото.   

Генералниот секретар на владата Димовски, по еден месец информацијата ја предложил како дополнување на точка на дневен ред на владина седница, иако претходно требало да ја испрати до Секретаријатот за законодавство. Тоа пак не било спорно за второбвинетиот, Артан Груби, кој тогаш претседавал со владината седница и предлогот за самостојно Државната лотарија да организира игри на среќа, го вметнал во дневниот ред на седницата на владата.

Вториот обвинет, кој имал реално влијание во раководењето со АД Државна лотарија, во својство на одговорно лице, претседавал со седница на Влада на Република Северна Македонија во својство на собрание на Државната лотарија и предложил вака дополнетата точка на дневен ред да се усвои, иако бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата како Собрание на Акционерското друштво. 

Обвинението доаѓа на самиот истек од шестмесечниот законски рок за траење на домашниот притвор на Груби, по што судот беше обврзан да го пушти на слобода. Со поднесување на обвинението, денеска до судот е испратен и предлог за продолжување на домашниот притвор за Груби, за екс директорот на лотарија кој е во бегство се бара 30 дневен притвор, додека за останатите обвинети предложени се мерки за обезбедување. Обвинителството бара од судот да им ги одземе патните исправи на Поранешниот ген сек на владата и членовите на надзорниот одбор на лотарија, како и да им забрани меѓусебна комуникација.