За Захариева уставните измени се ситница, а Бугарите во Македонија реалност
Поранешната шефица на бугарската дипломатија во убедувачка мисија. Во изјава за БГНЕС, Екатерина Захариева вели дека измена на Уставот во Македонија не е голема голема работа.
- Измена на Уставот на РСМ не е голема работа. Бугарите се дел од реалноста во РСМ и тоа мора да се прифати. Мора да се прекине дискриминацијата врз Бугарите, како и неодамна зачестените случаи на физичко и вербално насилство, вели Захариева.
Таа е категорична дека и Скопје и Софија губат од лошите односи и вели дека е подобро да немаме граници за да се развива бизнисот.
-Важно е луѓето да можат слободно да се среќаваат и да комуницираат без страв, вели Захариева.
Оваа изјава на поранешната министерка за надворешни наиде на остри реакции во Скопје. Поранешниот шеф на македонската дипломатија и сегашен пратеник, Антонио Милошоски вели дека многу попродуктивно ќе биде доколку Бугарија реално ги почитува пресудите на Судот за човекови права во Стразбур. Според него, хипокриија е да се говори за реалноста во дворот на соседите, а да не се почитува реалноста во сопствената држава.
- A за уставните измени, европскиот принцип е секоја земја да одлучува самостојно за Уставот, како највисок правен акт, кој е заедничка општествена повелба на граѓаните во секоја држава. Но, за жал, за ваквите лекомислено превземени обврски не ни се толку криви претставниците на официјална Софија како Екатерина Захариева, Кирил Петков или Румен Радев. Примарната кривица е кај Ковачевски, Бујар Османи, Маричиќ и другите политички главоклимачи, кои се надеваат дека нивниот мандат ќе трае ден подолго доколку тие дадат согласност на секој диктат што Македонија ќе ја доведе во потчинета положба, вели Милошоски.
Изјавата ја коментираше и поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски кој бара реципроцитет за внесувањето на Бугарите во Уставот.
- Ако промената на нашиот Устав е така мала и едноставна работа,зошто тогаш промената на бугарскио Устав и внесувањето на Македонците во него,што е дел од реалноста во Република Бугарија е толку тешка и сложена работа?Та нели граѓанските и етничките права и слободи се европски вредности.Освен тоа,Бугарија има обврска според пресудата на Меѓународниот суд за човекови права,повторувана по 15ти пат,да ги признае правата на Македонците во Бугарија и слободата на политичко организирање, вели Петковски.
Захариева беше министерка за надворешни работи кога премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов ставија потпис на Договорот за добрососедство. Тогаш со македонското МНР раководеше Никола Димитров кој денеска се оградува од тогашната владина екипа и е против уставните измени.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
