Владата го повлече Законот за рестриктивни мерки за корумпирани политичари
Владата ги повлекла од Собрание Законот за рестриктивните мерки за корумпирани политичари што се на црните листи на САД и Велика Британија, дознава Сител.
Законот беше пишуван по инцијатива на министерот за надворешни работи Османи, но беше критикуван од правната фела за тоа како без судска одлука лица и нивниот имот ќе бидат ставени под санкции. Законското решение доби негативно мислење и од министерството за правда, но помина на последната владина седница со која раководеше Ковачевски, по што беше испратено во парламентот на усвојување.
Сепак повеќе од 10 дена, Законот не е ставен меѓу примените материјали на пратениците бидејќи набрзо откако бил испратен во Собранието, тој бил и повлечен, неофцијално ни потврдијата од Владата.
Иако прашавме, нема одговор од Владата зошто е направено повлекувањето, а останува и дилема дали тоа го направило кабинетот на Џафери, кој како поранешен собраниски спикер го критукуваше законот. Нема одговор од Владата дали и кога усогласениот закон повторно би бил поднесен во Собранието.
Стејт департментот, пак, по повод најавените рестриктивни мерки, испрати порака дека добредојдени се сите мерки што ќе значат борба против корумпираните политичари.
Во изјава за Гласот на Америка на македонски, портпаролот на Стејтдепартментот вели:
„Силно ги поддржуваме напорите на Северна Македонија да бара одговорност од оние што ја злоупотребуваат довербата на јавноста за лична корист…Иако не коментираме за законодавството што се очекува, ние поздравуваме и силно поддржуваме какви било и сите напори за истрага на наводни коруптивни криминални активности и да се повикаат на одговорност оние кои ja злоупотребуваат јавната доверба за лична корист“
Поради вмешаност во значителна корупција, САД во текот на изминативе две години ги санкционираа поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, градоначалникот на Струга Рамис Мерко, Ратка Камчева, Сергеј и Ирина Самсонеко и фирми, Орце Камчев, поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
