Утре повисоки цени на горивата, Регулаторна ќе ја објави и новата цена на парното
Од утре нови повисоки цени на горивата. Барел сурова нафта од типот Брент на светските берзи се движи околу 96 долари, што е главен индикатор за раст на цените во земјава. Откако во понеделникот на вонредна седница се намалија акцизите за бензите за 1 денар, а за дизелот за 2 денари, премиерот Мицкоски вели дека состојбата се следи, а Владата е подготвена да интервенира во секој момент.
- Ја следиме состојбата со нафтата. Ние остануваме земја која има убедливо најниски цени во регионот кога станува збор за бензините и дизел горивото. Граѓаните треба да бидат спокојни, доколку има потреба ќе реагираме промптно. Нафтата е берзански производ, ја купуваме од исто место како и другите, но нашата политика е да ја задржиме најниската цена на горивата во регионот и таа политика ќе продолжи, рече премиерот Мицкоски
Покрај можното намалување на ДДВ-то за горивата, владата разгледува и пакет антикризни мерки кои би биле таргетирани кон одредени групи граѓани, но и укинување на ДДВ-то за храната. Претходните мерки со намалување само на акцизите државната каса ја чинеше над 24 милиони евра.
Изминатите две недели дизелот поскапе за повеќе од 10 денари, а бензините за 5 денари. Опозицијата со денови критикува дека владата не превзема ништо за заштита на стандардот на граѓаните. Бараат итни мерки бидејќи поскапите горива значат и повисоки цени на сите останати производи.
Покрај за горивата, Регулаторната комисија утре на седница ќе ја одреди и новата цена на парното, која ќе важи од 1 август. Војната на Блискиот Исток и блокираниот Ормутски теснец низ кој поминува течниот пририден гас се очекува да ги зголеми и сметките за греење.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
