Македонија
9. September 2026 - 16:34

Мицкоски и СДСМ во нова политичка препирка по пораката за „талогот“

Наместо пораки за заедништво, опозициската СДСМ обвинува дека премиерот Мицкоски уште еден државен празник искористил за поделби на граѓаните. Партијата остро реагира на вчерашниот говор за 8ми Септември во која Мицкоски порача дека талогот во општеството не смее да ја победи елитата. Според СДСМ власта со таквата реторика повторно ја активира кампањата со која народот го дели на талог и елита.

„На ден кога Македонија обележува 35 години од својата независност, Мицкоски прво повика да не се делиме, за веднаш потоа повторно да започне со поделби и, како што кажав, ја активираше неговата позната кампања „Талог“. Она што беше приметливо е дека тој вчера директно се закани дека ќе се соочи, ќе ги натера тие од „Талогот“ да се соочат со правдата, потоа седнувајќи до државниот обвинител. Пораката е сосема јасна. Операцијата „Талог“, која всушност се служи за поделба и сеење меѓу граѓаните, сеење на омраза и која Мицкоски ја спроведува со фактички од првиот ден од својот мандат, е опасна по својата природа и по својата основа и таа функционира по рецептот на Ванчо Михајлов и најмрачните периоди од македонската историја.“, изјави Андреј Жерновски, СДСМ 

„Не ги спомнав по име, самите се препознаа“ – со ваков одговор денеска премиерот Христијан Мицкоски им возврати на социјалдемократите, откако неговата вчерашна порака за „талогот“ предизвика жестока реакција од опозицијата.

Реакцијата следува по говорот на централната прослава за 8ми Септември во кој премиерот им се обрати и на политичките противници и повика да се запре со практиката во која некои луѓе функцијата ја разбирале како привилегија, државата како плен, а народните пари како сопствена каса.Ако државата наместо трудот го наградува талогот, тогаш талогот неизбежно ќе стане елита, истакна Мицкоски во говорот.