Македонија
28. јуни 2026 - 19:46

Убиена 48 годишна жена од село Таор, осомничен поранешниот сопруг кој ја пријавил за исчезната

Ужасен случај го потресе скопскиот регион. 48г жена од село Таор е пронајдена мртва во тешко пристапен шумски предел во близина на селото Летевци. Обвинителството потврди дека се работи за насилно убиство, а полицијата веќе лиши од слобода четири лица.

Главниот осомничен е нејзиниот поранешен сопруг со кого живееле заедно а уапсени се и тројца негови пријатели на возраст од 62 до 69 години, со кои наводно заедно трагале по жената.

Според информациите до кои дојде Сител, жената последен пат била видена жива во четвртокот на своето работно место во продавница во соседно село Ржаничино.

48 годишната жртва  и нејзиниот поранешен сопруг живееле во оваа куќа која што ја купиле пред неколку години но и двајцата не се по потекло од селото Таор. Според селаните со кои зборувавме тие биле коректни со нив, но меѓусебно постојано се расправале.

Во неформален разговор селаните сведочат дека поранешните сопружници живееле изолирано и немале многу комуникација во селото. Зад верзијата со пријавеното исчезнување на жената се крие приказна за долгогодишни несогласувања.

За првоосомничениот поранешен сопруг на жртвата велат дека бил човек кој често бил под дејство на алкохол, а нивните постојани и гласни расправии се слушале постојано во околината.

Од ОЈО Скопје и МВР потврдуваат дека ноќеска е извршен детален увид. Истрагата во координација со јавен обвинител продолжува, со цел точно да се утврдат причините и околностите под кои настанала смртта но и за улогата на тројцата пријатели на првоосмничениот  во ова свирепо убиство.