Македонија
14. јуни 2023 - 16:31

Телото на Мемет Камбер предадено на семејството, Законот за фантоми во експресна процедура

По три недели телото на младиот Мемет Камбер е предадено на семејството. По голготата која ја поминаат најблиските и по завршената ДНК анализа, 19 годишното момче ќе може да биде погребано. Ваквата информација ја потврдија од невладината Ромалитико која го откажа протестот пред Собрание, но најави дека ја продолжуваат битката за гаранција на правата на лицата „фантоми“.

Бидејќи телото ќе биде предадено, известуваме дека најавениот протестот пред Собранието нема да се одржи, но Ромалитико ќе продолжи и понатаму гласно да ја застапува проблематика, да бара измена на потребната законска регулатива и доследно третирање на овие лица од сите институции.

Во меѓувреме и пратениците ги поддржаа измените на законот за матична евиденција со кој е предвидено најдоцна до декември годинава да биде решен статусот на околу 700 неевидентирани лица или лица „фантоми“ претежно од ромска националност.

Токму Законот за матична евиденција неколкупати беше повлечен од собраниска процедура, најпрво владата како предлагач, самата го повлече поради неусогласеност со системот на регистрација на новородени деца.

Иако власта уверуваше дека измените кои предвидуваа промена на полот со нотарска белешка се повлечени, пратеничката на ДОМ, Маја Морачанин ги демнтираше и на својата Фб страна објави дека поднеле предлог закон за дополнување на Законот за матична евиденција и овозможување правно признавање на родот.