Македонија
25. January 2024 - 17:11

Судски совет не донесе одлука за делегирање на судијата Осман Шабани кој ги водеше предметите „Талир“ и „Титаник“

Судијата Осман Шабани нема да се врати времено во Кривичен да си ги заврши предметите кои се во опасност да застарат, а се од сензитивно значење. Два од предметите во кој е судија, а се од поранешното СЈО, „Титаник 1“ и „Талир 1“ се враќаат од почеток, а „Талир 1“ застарува за една година од сега. 

Шабани откако положи свечена заклетва за апелационен судија пред една недела, Кривичниот суд побара тој времено да биде делегиран назад бидејќи има 20 незавршени предмети, меѓу кои и два од висок профил на корупција. Судскиот совет свика итна седница, но сепак со 6 гласа за и 6 против, Шабани останува во Апелација. Членовите на Советот беа со поделени мислења, едни сметаа дека и да го делегираат времено назад во Кривичен, предметите нема да се завршат за толку кратко време, додека другата половина сметаше дека не смеат да ја отфрлат последната шанса да ги спасат предметите. 

20те предмети во Кривичен, Шабани ги предал на една иста судијка. Претседателката на Врховниот суд на денешната седница посочи дека токму застарувањето на високи дела на корупција беше посочено во извештајот на Европската Комисија.

Сличен беше и случајот со судијката Александра Ристевска која откако положи заклетва за да оди во Апелација, со едногласна одлука времено беше вратена во Кривичен за пресудата во случајот Ласкарци која беше изречена денеска.