Македонија
19. November 2023 - 17:02

Столтенберг во регионална посета- во вторник во Скопје

Посетата на генералниот секретар на НАТО Столтенберг е јасна порака дека Алијансата е присутна во Западен Балкан и нема да дозволи влијание од други страни во регионот, особено во контекст на руско-украинскиот конфликт.

Македонија е единствената во која генералниот секретар ќе направи состанок со регионалните лидери на државите членки на НАТО. Политичките аналитичари велат дека тоа не е случајно. 

Како што стои во објавата на НАТО за регионалната турнеја на Столтенберг, тој најпрво ќе направи обиколка на државите што не се членки на Алијансата. Тој денеска е во Сараево на средбата со претседателството на Босна и Херцеговина, а веќе утре патува за Приштина. Таму ќе има средби и со претседателката Османи и со премиерот Курти. Јасно е дека таму ќе има и разговори околу безбедносната ситуација со Србија.

Разговорите со Вучиќ и Брнабиќ пак, Столтенберг ги има закажано за вторник претпладне.

Најголемата агенда генералниот секретар ја има во Македонија. Во Скопје пристигнува во вторник поладне и ќе има средби со целиот државен врв, почнувајќи од шефот на државата Пендаровски, потоа со премиерот Ковачевски и со спикерот Џафери, а ќе се обрати и пред пратениците.

Средата е клучниот настан кога во Скопје Столтенберг ќе биде домаќин на состанокот со лидерите на земјите членки на НАТО од регионот. Освен македонскиот премиер Ковачевски, се очекува да бидат присутни хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Словенија, Роберт Голоб и на Црна Гора, Милојко Спајиќ.