Србија ја испраќа до Венецијанската комисија првата верзија на измените на пакетот судски закони

Министерот за правда на Србија, Ненад Вујиќ синоќа соопшти дека првата верзија од измените на пакетот судски закони ќе биде испратена денеска до известителите на Венецијанската комисија, по што одредени делови ќе им бидат објаснети за време на онлајн состанок.
На втората јавна расправа одржана вчера, за можни решенија за измена на пакетот судски закони во согласност со Уставот, законите и препораките на експертите на Венецијанската комисија, претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека е многу важно сите осум или девет препораки на експертите да бидат исполнети пред да се испрати Предлог-законот до таа комисија на мислење.
Бројни судии и јавни обвинители од судовите и јавните обвинителства од цела Србија, како и претставници на адвокатурата, учествуваа во дискусијата за време на дводневната јавна расправа, соопшти Министерството за правда на Србија.
Законските измени што се предмет на усогласување и дискусија се однесуваат на Законот за јавно обвинителство, Законот за организација и надлежност на државните органи за борба против високотехнолошкиот криминал, Законот за седиштата и подрачјата на судовите и јавните обвинителства, Законот за судиите и Законот за Високиот совет на обвинителствата.
Српскиот парламент ги усвои по предлог на претставникот на владејачката Српска напредна партија, Угљеша Мрдиќ, и поради тоа колоквијално се нарекуваат „Мрдиќеви закони“.
Опозицијата и дел од професионалната јавност и невладините организации се против нив.
Потоа претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, побара мислење од Венецијанската комисија, советодавното тело на Советот на Европа за уставни прашања, за тие закони.
Венецијанската комисија на 24 април објави итно мислење за измените на петте закони и даде седум клучни препораки за отстранување на недостатоците што ги поткопуваат механизмите за заштита на автономијата на јавното обвинителство и независноста на судството.
Итното мислење ќе биде доставено до Венецијанската комисија за потврда на нејзината пленарна седница на 12 и 13 јуни.
Усвојувањето на „Мрдиќевите закони“ беше критикувано од Европската Унија, која издаде предупредување дека на Србија може да и бидат ускратени 1,5 милијарди евра средства од Планот за раст.
Српските власти објавија дека препораките на Венецијанската комисија би можеле да бидат усвоени пред јуни, кога на Србија треба да и се исплатат дел од парите од ЕУ.
МИА
Ново на Сител
-

Трамп објави десетици декласифицирани документи за НЛО
-

Ирански медиуми објавија за спорадични борби во Ормуска Теснина
-

Гаши-Варнс: Поддршка за реформите и стратешкото партнерство со САД
-

Рубио: Во наредните часови очекувам Иран да презентира сериозен предлог
-

Делегација на Собранието учествува на 20. Генерално собрание на Парламентарното собрание на Медитеранот
-

МОН: Демографските промени бараат оптимизација на училишната мрежа и мобилност на наставниот кадар за поквалитетно образование
-

Божиновска: Ако е потребно, повторно ќе се разговара со „Окта“ за продолжување на попустот за горивата
-

Мицкоски го покани Радев да ја посети земјава
