Румен Радев е нов премиер на Бугарија, односите со Македонија не беа дел од првото обраќање
Румен Радев е новиот бугарски премиер. Неговиот кабинет го поддржаа 124 пратенци, со што „Прогресивна Бугарија“ доби апсолутно мнозинство и можност самостојно да ја води државата. Владата ќе биде составена од 4ца вицепремиери и 18 министри.
Односите со Македонија не беа во фокусот на првото обраќање на Радев пред пратениците на кое ги презентираше приоритетите во 4-годишниот мандат.
Радев најави промени во составот на Високиот судски совет и неговиот инспекторат, механизми за борба со корупција со кои ќе ја деблокира европската финансиска поддршка од стотици милиони евра.
Во кабинетот на Радев, министерството за надворешни работи ќе го води Велислава Петрова-Чамова, поранешен кадар на партијата на Слави Трифонов познат по своите антимакедонски ставови. Петрова Чамова беше заменик министерка за надворешни работи во владата на Кирил Петков, а беше дел и од кабинетот на Галаб Донев, период во кој изјави дека Бугарија нема потреба повторно да става вето на европскиот пат на Македонија, бидејќи земјава сама се блокира преку неисполнување на обврската за уставни измени, од која Бугарија нема да отстапи.
Радев од денеска станува нов бугарски премиер, по цели 9 години на претседателската функција, од која се повлече во јануари за да влезе во парламентарната трка. Неговата новоформирана партија „Прогресивна Бугарија“ освои над 44% од гласовите, со што освои убедлива победа и стави крај на петгодишната политичка криза во Бугарија во која се одржаа 7 предвремени изборни циклуси.
Додека беше на претседтелската функција, Македонија го прифати францускиот предлог, по кој Радев многупати изминатите години изјави дека дијалогот за продлжување на европскиот пат Скопје треба да го води со Брисел, а не со Софија. Бурни реакции предизвика и неговата прва средба со претседателката Сиљановска Давкова пред две години, на која тој ја пречека во својот кабинет без македонско знаме.
Радев со апсолутно мнозинство од 131 пратеник, од денеска ја предводи првата еднопартиска влада во Бугарија по речиси три децении.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
