Собранието избира министер без ресор, Мицкоски порача дека институциите се отворени за сите со знаење и подготвеност за одговорност

Собранието денеска ја почна расправата за избор на министер без ресор во Владата за која функција е предложен Зулфикар Зејнула, претседател на Демократската партија на Турците, со која партија ВМРО-ДПМНЕ неодамна потпиша коалициски договор.
Премиерот Христијан Мицкоски пред пратениците истакна дека зрелоста на Владата се гледа во отвореноста на институциите за сите што имаат знаење, капацитет и искрена намера да придонесат и да не прашува, како што истакна, кој од каде доаѓа, туку со доверба, со работа, со институции што функционираат и со луѓе што се подготвени да преземат одговорност кога е најтешко.
- Денеска, пред вас не барам поддршка само за еден кандидат, барам поддршка за принципот дека институциите треба да ги водат луѓе што може да понесат одговорност, да носат одлуки и да работат во интерес на сите граѓани, без разлика на нивната етничка или политичка припадност - рече премиерот Христијан Мицкоски образложувајќи го предлогот.
Нашата држава, посочи Мицкоски, денес има потреба од стабилност, од институции што функционираат, од луѓе што нема да ја трошат енергијата на политички пресметки, туку ќе ја вложат во решавање на проблемите на граѓаните.
- Токму затоа денес го предлагам Зулфиќар Зејнула за министер без ресор. Овој предлог е дел од една поширока политика што ја водиме од самиот почеток – политика на партнерство, меѓусебна доверба и преземање заедничка одговорност за иднината на државата. Тоа партнерство не се темели на поделби, туку на заедничка определба да се работи за интересите на сите граѓани. Верувам дека токму во ова се гледа зрелоста на една Влада – да ги отвори институциите за сите што имаат знаење, капацитет и искрена намера да придонесат, да не прашува кој од каде доаѓа, туку со доверба, со работа, со институции што функционираат и со луѓе кои се подготвени да преземат одговорност кога е најтешко - посочи Мицкоски.
Според него, повеќе од кога било во државава е потребна политика што обединува, а не политика што создава нови ровови, ги дели луѓето на наши и ваши, што произведува конфликти поради дневен политички профит.
- Државата не се гради со поделби, државата се гради со доверба, со работа, со институции што функционираат, со луѓе кои се подготвени да преземат одговорност кога е најтешко - порача Мицкоски истакнувајќи дека Владата што ја предводи нема луксуз да размислува само до следниот политички настан и има обврска да размислува што ќе оставиме зад себе по завршувањето на мандатот.
Мицкоски посочи дека одлуката што се носи треба да придонесе институциите да бидат посилни, поорганизирани и поспособни да одговорат на потребите на граѓаните, како и дека државата се менува со голема работа и со луѓе кои секое утро доаѓаат на работа со чувство дека имаат должност кон граѓаните.
- Не ветувам дека сè ќе биде лесно, но ветувам нешто што за мене е многу поважно – дека ќе продолжиме да носиме одлуки од кои нема да бегаме, дека ќе продолжиме да ги бираме луѓето за кои веруваме дека можат да ја извршуваат јавната функција и дека секој што ќе ја добие довербата ќе знае дека таа доверба не е трајна, туку се заслужува секој ден. Тоа е принципот на кој ја градиме оваа Влада. И токму затоа верувам дека граѓаните препознаваат разлика и затоа денес ве повикувам и замолувам да го поддржите овој предлог – не поради Владата, не поради поединецот, туку поради интересот на Македонија и на сите нејзини граѓани - рече Мицкоски.
МИА
Ново на Сител
-

Герасимовски: Со личен пример да покажеме солидарност, прв ќе донирам, ги повикувам и советниците да ме следат
-

Тошковски: Во гостиварскиот водовод се врши плакнење и хиперхлорирање
-

Трамп: Иран ќе се соочи со голема воена казна поради нападите на Хутите во Црвеното Море
-

Еден осомничен за обид за тешка кражба во Скопје
-

Мицкоски: Владата ќе интервенира со дополнителни мерки, една од опциите е и повторно намалување на ДДВ за горивата
-

Општина Аеродром со јавен повик за пријавување штети од силното невреме
-

АХВ: Угостителските објекти во Гостивар ја почитуваат забраната за користење на водата
-

Син го претепал таткото и му се заканувал дека ќе го убие
