Мистериозна бела пена во Вардар: Дрон и инспектори во потрага по загадувачот
Бела пена го прекри местото каде Лепенец се влева во Вардар. Густата материја најпрво била забележана во Злокуќани, но набрзо се прошири, па беше видлива од кејот во повеќе населби.
На терен излегоа инспектори од Градот Скопје и Државниот инспекторат за животна средина за да утврдат од каде потекнува загадувањето и за каква материја станува збор. Во потрагата по можниот загадувач бил вклучен и дрон.
„Бевме со соодветни стручни лица коишто управуваат и дронови и испративме контрола и од таков тип. Верувам дека од кога ќе бидат обезбедени материјалите, откако ќе бидат испитани состојбите и сето тоа што е присутно во реката Вардар, ќе излеземе со официјално известување за јавноста“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски вели дека толеранција нема да има за никој.
„Без разлика за кого и да станува збор, доколку се утврди, да бидат ригорозни казните и да нема толеранција, за разлика од минатото кога бевме сведоци честопати на вакви појави, но немаше репресија, односно казна“, истакна тој.
Од Инспекторатот за животна средина за Сител велат дека „инспектори вршат надзори, а постапката е се уште во тек“.
На терен беа и службите од јавното претпријатие Водовод и канализација. Мострите коишто ги земаа ќе одат на испитување во нивната лабораторија.
Додека траат анализите, ќе се проверуваат и фирмите што се наоѓаат покрај текот на Лепенец, за да се види дали од некој од нив потекнува белата пенлива материја.
Со реакција се јави и опозицијата.
„Пената изгледа како да е синтетичка. Видливиот доказ за загадување што се излива директно во реката, токму таму каде што Лепенец се влева во Вардар. Ова веќе не е инцидент. Ова е системски колапс на институциите под команда на Христијан Мицкоски и организираната криминална група ВМРО“, велат од СДСМ.
Пред околу 8 месеци слична бела пена беше забележана и во канал што се влева во Вардар кај селото Таор.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
