Сиљановска-Давкова: Современата одбрана мора да ги предвидува заканите, а не само да реагира на нив

Современата одбрана не треба да се сведува само на одговор на веќе настанатите закани, туку мора да се заснова на нивно предвидување, подготовка на соодветни капацитети и градење отпорност на државата, порача претседателката и врховна командантка на Армијата Гордана Сиљановска-Давкова денеска на свеченоста организирана по повод одбележувањето на Денот на Армијата – 18 Август во Охрид.
- Границите меѓу конвенционалните и хибридните закани се нејасни. Беспилотните системи, сајбер-просторот и вештачката интелигенција веќе непосредно влијаат врз начинот на кој се планира, изведува и поддржува современото војување, рече Сиљановска-Давкова.
Таа пред присутните на свеченоста нагласи дека во услови на непредвидлива динамика на современиот безбедносен амбиент, потребно е да се градат способности што ќе ја зачуваат функционалноста на државата и во најнеизвесни услови.
- Не треба да ја романтизираме војната, туку треба да ја избегнуваме и да ја превенираме, оти највисокиот успех на одбраната е да создаде услови за таа да не се случи, порача претседателката.
Говорејќи за развојот на Армијата, Сиљановска-Давкова потсети на нејзините почетоци во 1943 година, со формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“, како прва регуларна воена единица на Народноослободителната војска на Македонија. Таа посочи дека континуитетот продолжил и по осамостојувањето на државата, кога припадниците на ЈНА од Македонија го напуштиле југословенскиот армиски систем и биле создадени услови за формирање на сопствена армија.
- Со сигурност тврдам дека македонската Армија не е почетничка, туку високоорганизирана воена формација со професионален интегритет, оперативна кредибилност, висока интероперабилност со сојузничките сили, војничка дисциплина и стаменост, рече таа.
Како особено значаен го истакна придонесот на Армијата во рамки на НАТО и учеството во меѓународни мировни мисии. Во моментов, како што посочи, 183 припадници на Армијата се дел од такви мисии и операции.
- Македонскиот придонес кон безбедноста не завршува во рамките на сопствените национални граници, туку ги надминува во мировни цели, истакна Сиљановска-Давкова.
Претседателката нагласи дека јакнењето на сопствените одбранбени капацитети е клучно за позицијата на државата во Алијансата.
-Колку е посигурна нашата сопствена одбранбена поставеност, толку е посуштествен нашиот придонес кон заедничката сигурност, рече таа.
Сиљановска-Давкова ја истакна и високата доверба што Армијата ја ужива кај граѓаните, особено во кризни ситуации, кога нејзините припадници помагаат при пожари, поплави и други непогоди.
Во обраќањето посебно внимание посвети и на улогата на жените во Армијата, нагласувајќи дека годинава трите најдобро рангирани питомци на Воената академија се жени. Таа повторно ја актуелизираше и идејата за формирање регионален центар за извонредност на жените во одбраната и безбедноста.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски од своја страна истакна дека Македонија е безбедна и стабилна држава, а Армијата е столб на стабилноста и институција на која граѓаните и партнерите можат да се потпрат.
Тој ја искористи можноста да истакне дека модернизацијата на Армијата се реализира согласно планираното, со набавка на современо и софистицирано вооружување, опрема и системи, како и со инвестиции во инфраструктурата и подобрување на условите за работа на припадниците.
- Повеќе од јасно е дека конвенционалното војување е променето и за да се биде подготвен за одговор, потребно е да се направи адаптација во сфаќањето и одбраната, рече Мисајловски.
Тој посочи дека во тек е набавка на различни видови опрема, меѓу кои артилериски системи, средства за противвоздушна одбрана, беспилотни системи, системи за противоклопна борба, опрема за сајбер-заштита, опрема за воздухопловна поддршка и комуникациски системи.
- Процесот на модернизација на Армијата се реализира согласно сите наши планови. Пристигна бројна опрема, истакна министерот, додавајќи дека годинава се очекува и пристигнувањето на првите два нови хеликоптери.
Мисајловски најави и продолжување на инвестициите во инфраструктурата. Во следниот период, како што рече, се предвидени над 12 милиони евра, додека досегашните инвестиции изнесуваат повеќе од 3,1 милиони евра.
- Во следниот период продолжуваме со уште позасилено темпо да ја развиваме Армијата – со повеќе набавки од секој вид опрема, со силни инвестиции за инфраструктурата на Армијата, со повеќе вежби и повеќе обуки, порача Мисајловски.
Тој најави и ставање во функција на Центарот за обука на пилоти, кој, како што рече, десет години бил нефункционален, а особено значење има и развојот на воздухопловната компонента на Армијата и најавеното формирање катедра за воено воздухопловство и противвоздушна одбрана на Воената академија.
Министерот нагласи дека со Генералштабот и сојузниците се работи и на нови стратешки документи кои треба да дадат насока за натамошниот развој на одбранбените капацитети.
Говорејќи за вложувањата во одбраната, Мисајловски посочи дека годинава буџетот за одбрана, заедно со активностите поврзани со одбраната, достигнува над четири проценти од БДП.
- На тој начин ја зацврстуваме нашата безбедност, безбедноста на регионот и на источното крило на НАТО. Во исто време покажуваме дека сме кредибилен и доверлив сојузник во рамките на алијансата, рече тој.
Мисајловски потсети и на учеството на македонските војници во меѓународни мисии и активности во Латвија, Бугарија, Романија, Косово и други мисии, заблагодарувајќи им се за професионализмот и придонесот кон колективната безбедност.
Тој најави и подобрување на статусот на професионалните војници преку нов колективен договор и други решенија насочени кон подобри услови за работа.
Началникот на Генералтабот на АРМ, генерал-мајор Сашко Лафчиски, од своја страна истакна дека последните десет години како никогаш досега се вложува во модернизацијата на Армијата, како и во обука и опремувањето на нејзините припадници.
Времињата се менуват, заканите се менуваат, технологијата напредува, но нашата должност останува иста – да бидеме подготвени, одлучни и посветени секогаш да стоиме на браникот на државата...Нашата Армија е армија на народот, од народот и за народот. Кога државата и институциите се сооќуваат со елементарни непогоди, хуманитарни кризи и други предизвици, Армијата е тука подготвена да помогне, рече тој.
Тоа, како што рече, не е само законска обврска туку морална одговорност, да служи на народот...
- Армијата денес се наоѓа во најинтензивниот процес на модернизација...Тоа не е само резултат на набавката на совреме опрема, туку и на континуираните вложувања во обуката, примената на стандардите и пред се во човечкиот потенцијал...Таа продолжува да биде најважниот столб на националната отпорност, само подготвена армија е вистинска гаранција за суверенитетот, територијалниот интегритет и мирот во државата, рече тој.
На свеченоста беа доделени и признанија за припадници и единици на Армијата, меѓу кои и Орденот за воени заслуги за Командата за операции, за особениот придонес за изградбата, развојот, зајакнувањеот на капацитетите и за зголемувањето на борбената готовност на македонската армија како клучен заштитеник на интегритетот и суверенитетот на државата, како и на Центарот за одгледување и дресура на кучиња, за исклучителните резултати во извршувањето на своите специфични задачи и за исполнувањето на мисијата како особено значајна структура на македонската армија.
Во рамки на свеченоста им беа доделени признанија на најдоброрангираните потпоручници во класата, и тоа на најдоброрангираната Марија Недева, второрангираната Наталија Кочовска и треторангирана Антонела Јакимовска.
МИА
Ново на Сител
-

Централна свеченост по повод 18 август - Денот на Армијата
-

Муцунски: Надворешната политика е државна политика
-

Активни шест пожари, еден под контрола, а 22 се изгаснати
-

„Не го гаснете селото“, нов протест на родителите на учениците од с. Долни Балван
-

Во голем пожар изгореа неколку куќи и штали во прилепското село Чаниште
-

Teма на денот со Горан Ангелов, директор на Агенцијата за иселеништво
-

Пресек на состојбата со пожарите: Каде гори во Македонија?
-

Три смртни случаи од западнонилска треска за една недела – ДСЗИ проверува колку прскале општините
