Пријавување за студии на УКИМ, слободни над 8800 места

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје денеска и утре е првиот рок за пријавување кандидати за запишување на студии во прва година. На 23-те факултети на најстариот и најголем универзитет во државава се слободни вкупно 8851 место за бруцоши во академската 2026/2027, која ќе почне на 1 октомври.
Според Конкурсот на УКИМ, од вкупниот број слободни места, 4395 се за студенти во државна квота (редовни студенти кои се финансираат од државниот буџет), 3621 за редовни студенти кои плаќаат школарина, т.е. ги кофинансираат студиите и 835 за вонредни студенти.
Најголем број студенти (над 500) на разни студиски програми ќе примат Медицинскиот факултет (950 места), ФИНКИ (800), ФЕИТ и Машински по 600, Природно-математичкиот (626), Економскиот 655, Правниот факултет 555, Филозофскиот 635 и Филолошкиот факултет 805.
Студентите во државната квота се запишуваат со плаќање надомест за студиите, во износ од 200 евра во денарска противвредност, студентите во квотата за кофинансирање и вонредните плаќаат школарина од 400 евра.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска во интервју за МИА соопшти дека оваа година бројот на места е намален за околу 2000 на сите универзитети откако е направена анализа на пазарот на трудот, кој, рече, е заситен со одредени струки и тие луѓе се невработени. За разлика од тоа, вработливоста во други струки е многу висока, па некаде се јавува и недостиг.
- Намаливме квоти на сите универзитети, соодветно, процентуално, но без оглед на намалувањето на квотите и лани, а јас очекувам и оваа година, да има непополнети места, затоа што универзитетите, односно факултетите, ги објавуваат квотите според акредитацијата којашто ја добиле, и тоа се високи бројки, и на одредени факултети дел од нив навистина секогаш остануваат непополнети. Оваа година на сите универзитети имаме намалено околу 2000 места, но јас сум длабоко убедена дека сите студенти ќе си го најдат своето место таму каде што сакаат. Во однос на струките, на пример, повеќе намаливме во струките бизнис-администрација, јавна администрација, нешто на Економски, на Правен, бидеќи таму се појавува одреден поголем број на невработени, во медицинските струки. За разлика од тоа, останаа речиси идентични техничките струки, информатиката, машинството, градежништвото, таму е вработливоста на одлично ниво и достигнува некаде до 98-99 проценти, изјави Јаневска.
По првиот рок за пријавување на кандидатите за студии на УКИМ (денеска и утре), конечната ранг-листа ќе биде објавена на 27 август, а запишувањето на примените кандидатите ќе биде на 3 и 4 септември.
Вториот рок за пријавување за упис на УКИМ ќе биде на 10 и 11 септември и третиот на 23 септември на факултетите на кои ќе останат слободни места.
Пред пријавувањето во роковите утврдени со конкурсот, секој заинтересиран кандидат треба да се регистрира на www.upisi.ukim.mk и да ја пополни електронската пријава од iKnow-системот. Бројот којшто кандидатот автоматски го добил од системот за електронското пријавување треба да се внесе и во пријавата што се поднесува при пријавувањето за запишување. Пријавувањето се врши во службата за студентски прашања на избраниот факултет.
Во конкурсот на УКИМ се наведени условите и критериумите за запишување, документите што треба да се поднесат, начинот на селекција на кандидатите, појаснето е како се пресметуваат поените од општиот успех и од успехот постигнат на државната матура или државна стручна/ уметничка матура.
Конкурсот содржи и листа на екстерни и на интерни предмети од државната матура соодветни за пријавување за запишување на студиските програми на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
МИА
Ново на Сител
-

Муцунски: Историјата, идентитетот, јазикот и културата се нашите црвени линии, очекуваме гаранции од европските институции
-

Французин пронајден мртов на лежалка во Ксамил, се сомнева дека бил избоден до смрт од албански државјанин
-

Ангелов: Велешките пожарникари заштитија две села од пожарот, кој од Велес премина во Зелениково и во општина Студеничани
-

Муцунски: По 2019 година повторно ќе се одржи Амбасадорскиот совет, ќе постави конкретни задачи за дипломатската мрежа
-

Неизвесен настапот на Синер на УС опен
-

ХИВ во пораст: 11 нови случаи во јули, меѓу нив и 20-годишник
-

Во Скопје вечер 13. дезинсекција против комарци сезонава
-

Најмалку десет жртви во последните руски напади врз Харковската област
