Македонија
17. August 2026 - 16:34

34 години Армија, традиција и нови предизвици

Во штипската касарна „Јане Сандански“ одбележани 34 години од формирањето на македонската Армија. Свеченоста беше посветена на воената традиција, но и на развојот на Армијата од осамостојувањето до денес.

- Гордост е да се биде припадник на Армијата, чии корени длабоко се протегаат во историјата на македонскиот народ. Патот кон создавањето на македонската Армија е нераскинливо поврзан со стремежиrе и делата на нашите претходннци и великани од пред илинденскиот и илинденскиот период, на борците од НОБ на Македонија кои со одлуките на АСНОМ ги удрија темелите на современата македонска држава, изјави Ристо Стоев, командант на вториот пешадиски баталјон.

По осамостојувањето, Армијата постепено се трансформира од регрутен состав во професионална и современа воена сила, а од 2020 година е дел од НАТО Алијансата. Членството во НАТО донесе нови обврски, но и можности за развој на армиските капацитети. 

- Армијата стана дел од најмоќниот колективен безбедносен систем, преземајќи нови одговорности и обврски,  кои од нас бараат високо ниво на професионализам, интероперабилност и подготвеност, но и отворајќи нови можности за развој на своите способности, додаде Стоев

Припадниците на Армијата досега учествувале во повеќе меѓународни мисии, но и во помош на населението при природни непогоди и пожари.

- Учествуваа во гаснењето на пожарите на повеќе од 30 локации низ територијата на државата и дадоа свој придонес во поддршката на институциите при справувањето со последиците од трагичниот пожар во Кочани, изјави Стоев

Стоев порача дека најголемата сила на Армијата остануваат професионалните, обучени и мотивирани припадници, кои мора да бидат подготвени за новите задачи и предизвици.