Сезонски работник од Бангладеш хоспитализиран на инфективна со денга вирус
Потврден денга вирус кај пациент кој е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести. Станува збор за импортиран случај кај 42 годишен маж од Бангладеш кој дошол во Македонија да работи. Од комарец бил каснат додека бил дома каде и му се појавиле првите симптоми.
Кога пред два дена допатувал во земјата, имале систематски преглед од фирмата што го ангажирала и поради неговата здравствена состојба го упатиле на скопските клиники.
Директорот на Инфективна со смирување до граѓаните – оваа болест не се пренесува од човек на човек.
-Пациентот бил болен наназад една недела, со покачена температура, треска, болки по телото и тие симптоми ги имал од Бангладеш. Нема тука простор за загриженост заради тоа што болеста е ендемска а Македонија не е ендемска зона за оваа болест и може само да имаме увезени случаи како конкретниот и болеста се пренесува исклучиво од заразен комарец, изјави д-р Фадил Цана, директор на Клиника за инфективни болести.
Пациентот од Бангладеш е во стабилна здравствена состојба и како што верлат од Инфективна е под постојан надзор од медицинските лица. Доктор Цана вели дека седејќи во Македонија ризикот за денга речиси и не постои, меѓутоа треба да внимаваат оние кои одат на одмори во егзотични места.
-Граѓаните кои патуваат во тропски и субтропски подрачја, по враќањето во земјата доколку имаат некои симптоми не треба да ги занемаруваат и треба да побараат лекарска помош, вели д-р Цана.
Симптомите кај денга почнуваат 3 до 14 дена по убодот со температура, треска и болки по зглобовите. Нема специфичен лек за вирусот, а користењето на репеленти и носење облека со долги ракави е најдобра рпевенција.
За разлика од кај нас со увезен случај, во Шри Ланка само годинава имаат околу 50 000 заболени со денга од кои 29 починале.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
