Македонија
12. јуни 2023 - 16:37

Седум земји членки на ЕУ бараат повеќе одлуки да се носат со квалификувано мнозинство

Шефови на дипломатиите на седум земји членки на ЕУ предлагаат поголема употреба на квалификувано мнозинство при носење одлуки поврзани со надворешната и безбедносната политика на Унијата. Тоа во пракса ќе значи дека за одредени одлуки, наместо да се бара едногласност од сите земји-членки, одредени држави ќе можат да останат воздржани, и на тој начин да не го блокираат предлогот.

На иницијативата, објавена во бриселски „Политико“, потпишани се министрите за надворешни на Белгија, Германија, Луксембург, Романија, Словенија, Холандија и Шпанија.

-Колку ефикасна може да бидат „конструктивната воздржаност“ видовме минатиот октомври, кога Советот за надворешни работи гласаше за новата Мисија на ЕУ за обука на украинската војска. Сакаме да го надградиме овој тренд и се обврзуваме систематски да ги испитаме нашите сопствени позиции со цел да се префрлиме од гласање „против“ на „конструктивно воздржување“, се вели во предлогот.

Сепак, предлагачите се свесни дека голем дел од членките се загрижени поради користење на гласањето со квалификувано мнозинство. Затоа предлагачите велат дека барањето консензус ќе остане во срцето на европската ДНК.

Предлагачите на оваа иницијатива наведуваат дека секоја од земјите членки ќе може да се повика на правото на блокирање на некоја одлука поради витални причини поврзани со националната политика, како што е предвидено со член 31 од Договорот на ЕУ.