Македонија
19. October 2023 - 19:48

Се заканува епидемија со морбили во Куманово

Алармантни 40 проценти на вакцинирани со МРП во Куманово. Во град со 100 илјади жители има најмал опфат на вакцинација против морбили во земјата а со тоа и опасност од појава на епидемија. Кумановчани немаат отпор само кон оваа вакцина бидејќи под 50 проценти е и имунизацијата со Ди те пер. За да не се повторни 2019 кога имаше и смртни случаи од мали сипаници, неопходна е доверба во безбедноста на процесот.

-Во моментот кога ќе се намали бројот на вакцинирани, кога ќе се намали опфатот со вакцинација, ризикот од појава на морбили е исклучително висок, посебно во општини како што го споменавте Куманово, каде има релативно голема популација а малку вакцинирани, вели проф. д-р Александра Грозданова, национален координатор за имунизација.

-Треба да се најдат најдобрите примери, како што е Кочани каде опфатот е над 95 проценти и тие искуства да се пренесат во места каде има мал опфат. Да се промени и налинот на комуникација на здравствени работници со населението, вели д-р Зладе Мехмедовиќ, претседател на Комисија за заразни болести

Кога патуваат за Малдиви не прашуваат за вакцината што треба да ја примат, а многумина се сомневаат во децениските и задолжителни вакцини за децата, велат експертите и апелираат родителите да ги слушаат вистинските факти а не дезинформациите. Лажните вести, особено на социјалните мрежи имаат големо влијание во намалување на опфатот сдо вакцинација.

- Ако се гради недоверба кон докторите, кон здравственот систем, тоа е недоверба не кон политичарите туку кон луѓето што се грижат за нашето здравје, за здравјето на нашите деца и нашите блиски. Сета таа недоверба ќе доведе лужето да се плашат, да не одат на лекар, да не ја примаат потребната терапијаи да заврши на крај и со фатален исход, вели Бојан Кордалов, виш комуникациски специјалист.

Традиционалните медиуми, пак, според експертите не шират дезинформации туку се држат до научната вистина и важноста од вакцинацијата.