Свет
7. July 2026 - 8:42

Руте: Земјите од НАТО на самитот ќе потпишат договори вредни десетици милијарди долари

Земјите членки на НАТО ќе потпишат одбранбени договори вредни десетици милијарди долари на самитот во Анкара на 7 и 8 јули, најави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во интервју за „Вашингтон пост“.

– За време на самитот на НАТО во Анкара ќе бидат потпишани нови договори со компании од Европа и Северна Америка вредни повеќе десетици милијарди долари. Исто така, ќе потврдиме дека инвестираме во клучни технологии за да ги исполниме безбедносните барања на денешницата и утрешницата – изјави Руте.

Според него, на самитот во Анкара земјите од Северноатлантската алијанса имаат намера да му покажат на светот дека инвестираат во одбраната, го ребалансираат сопствениот безбедносен систем и ја засилуваат својата индустриска база.

– Отсекогаш сум бил горд Европеец со трансатлантски поглед. Во главата и во срцето знам дека Европа и Северна Америка се посилни, попросперитетни и побезбедни заедно. НАТО е единственото место што ги обединува Соединетите Држави, Канада и Европа за на практичен начин да ги решаваат најитните прашања кои влијаат на нашата заедничка безбедност – Русија, тероризмот и конкуренцијата со системските ривали и извозниците на хаос – рече Руте.

Самитот на НАТО ќе се одржи во Анкара денеска и утре, а заканите и предизвиците за евроатлантскиот регион, Украина и јужното крило на НАТО ќе бидат меѓу клучните теми на собирот. 

 

МИА