Неопходна е поголема државна поддршка за спас на земјоделството од климатските промени
Традиционалните методи веќе не се доволни за справување со климатските шокови во земјоделството. Поради ова, земјоделците секојдневно се соочуваат со сериозни предизвици за да ги спасат посевите од честите временски непогоди кои директно го загрозуваат домашното производство на храна. Сериозноста на состојбата ја потврдуваат и анализите според кои во последните две децении приносите се намалени за 10 до 20 проценти, токму поради овие фактори.
Решенија за ублажување на штетите постојат, но бидејќи ваквите инвестиции се прескапи, земјоделците сметаат дека е неопходна поголема државна поддршка.
Дека државата мора да дејствува побрзо и посистематски, потенцираат и од невладиниот сектор кој работи на оваа проблематика. Од таму потврдуваат дека државна поддршка преку националните програми постои, но според нив таа не е доволна бидејќи главно е насочена кон ублажување на климатските промени, додека фокусот мора итно да се префрли на конкретни мерки за адаптација.
Покрај финансиската помош за опрема, клучна алка во овој процес треба да биде и континуираната едукација на терен. Она што ќе биде основно е промена на старите навики на земјоделците и воведување на нови, поотпорни семенски материјали.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
