Македонија
6. July 2026 - 12:29

Антибиотиците ја губат силата, антимикробна резистентност

Антимикробната резистентност претставува една од најголемите закани за јавното здравје, ветеринарната медицина и безбедноста на храната. Станува збор за појава кога бактериите, вирусите, габите и паразитите стануваат отпорни на лековите што досега успешно ги уништувале, поради што антибиотиците и другите антимикробни препарати ја губат својата ефикасност.

-Отривањето на антибиотиците пред повеќе од 50 години претставуваше револуционерна пресвртница во историјата на медицината и ветерината. Сепак, децениската прекумерна и несоодветна употреба на антимикробните средства во хуманата и ветеринарната медицина, како и во производтство на храна доприносе до појава на феномен кој денес преставува еден од најсериозните ризци за јавното здравје на глобално ниво, изјави проф. Димитар Наков, Земјоделски факултет- УГД-Штип.

Антимикробната резистентност доведува до тоа инфекциите да стануваат потешки за лекување, се продолжува времетраењето на болестите и престојот во болница и се зголемува ризикот од смртност кај луѓето и животните.

-Проекциите покажуваат дека, доколку тековните трендови продолжат до 2050 година антимикробната резистенција би можела да предизвика поголем број на смртни случаи отколку канцерогените заболувања, додаде Наков.

Експертите нагласуваат дека таа бара заедничко дејствување на лекарите, ветеринарите, земјоделците, институциите и граѓаните, бидејќи здравјето на луѓето, животните и животната средина се тесно поврзани. Според проценките на СЗО, антимикробната резистентност е меѓу десетте најголеми глобални закани за јавното здравје и, доколку не се преземат мерки, може значително да ја намали ефикасноста на современата медицина и ветеринарната пракса.