Ристески: Со намалувањето на ДДВ за горивата граѓаните заштедуваат до 350 илјади евра дневно

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески оцени дека енергетската и економската криза е една од најголемите во поновата историја и посочи дека Владата при носењето на мерките води сметка за заштита на животниот стандард на граѓаните и стабилноста на економијата.
-Станува збор за една од најголемите кризи, енергетски и економски кризи во поновата историја, којашто ги погодува сите држави, пред сè во снабдувањето со енергенсите, а индиректно и секоја економија. Во сето ова не е изоставена ниту Македонија, која има кревка економија, па при носењето на одлуките и мерките од страна на ресорните министерства и Владата мора многу да се внимава. Пред сè треба да се внимава на заштитата на животниот стандард на граѓаните, кој е главен приоритет на оваа Влада - изјави Ристески во одговор на пратеничко прашање.
Осврнувајќи се на последните владини мерки Ристески посочи дека намалувањето на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти веќе дава резултати и дека граѓаните заштедуваат до 350 илјади евра дневно.
-Со оваа мерка на дневна основа заштедуваме од 250 до 350 илјади евра на граѓаните, директно во нивниот џеб. Најмногу се троши дизел и околу 70 проценти од граѓаните и економијата функционираат со ова гориво. Само по таа основа заштедата е околу 250 илјади евра дневно, а кога ќе се додадат и бензините, заштедата достигнува и до 350 илјади евра. Ако се пресмета за периодот на важност на мерката, вкупната заштеда за граѓаните би била околу 3 до 4 милиони евра за два месеца - истакна Ристески.
Тој нагласи дека Владата има капацитет да се справи со последиците од кризата и оти мерките се носат по детални анализи и координација меѓу повеќе институции.
-Нашите одлуки и мерки се добро анализирани и разговарани меѓу повеќе институции и министерства. Гледаме не само да го заштитиме животниот стандард, туку и да не предизвикаме големи последици врз економијата и буџетот на државата. Истовремено, не сакаме да запреме со големите инвестиции и капитални проекти што се во тек и кои се важни за развојот на економијата. Тоа го покажуваат растот на бруто-домашниот производ и другите економски параметри, кои на крајот значат подобар квалитет на живот за граѓаните - рече Ристески.
Тој ги отфрли критиките дека мерките не се доволни и оцени дека Македонија во моментов има најниски цени на горивата во регионот.
-Нафтата има иста цена на светската берза за сите држави. Без разлика дали станува збор за Македонија, Србија, Словенија, Германија или друга земја, сите ја набавуваат од исто место и по иста цена. Токму затоа е голем успех на Владата што цената на нафтата и нафтените деривати е најниска во регионот. Дополнително, граѓаните не треба да се грижат за резервите, бидејќи ќе има доволно гориво и за домашните потреби и за транзитните патници - рече Ристески.
Според податоците што ги презентираше, бензинот „95“ во Македонија се продава за 99 денари за литар, што е пониска цена во споредба со соседните земји, додека дизелот чини 104,5 денари за литар и исто така е поевтин од цените во регионот. Ристески порача дека Владата ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата на светските пазари и, доколку има потреба, ќе преземе нови мерки.
-Кризата е непредвидлива и не знаеме до кога ќе трае, но сме подготвени да одговориме и во наредниот период. Интензитетот на мерките ќе зависи од движењата на светските берзи и од цената на нафтените деривати. Имаме и други законски можности со кои би можеле дополнително да интервенираме. Наш главен приоритет остануваат граѓаните, заштитата на економијата и избегнувањето на големи финансиски импликации врз буџетот - изјави заменик-министерот за економија и труд.
Ристески потенцира дека Македонија има најниски цени на бензинот и дизелот во регионот, според анализите на Министерството за економија и труд.
-Имаме најниска цена на нафтата и нафтените деривати во регионот и пошироко. Сите држави ја набавуваат нафтата од истите светски пазари, но сепак Македонија успеа да обезбеди најниски малопродажни цени за граѓаните и стопанството. Литар бензин БС-95 во земјава се продава за 99 денари, додека во Грција изнесува 129 денари, во Албанија 126 денари, а во Србија 108 денари. Во Хрватска цената е 107 денари, во Црна Гора и Словенија по 106 денари, а во Босна и Херцеговина 104 денари за литар. Анализите покажуваат дека и цената на дизелот во Македонија е пониска од онаа во соседните држави. Литар дизел во земјава чини 104,5 денари, наспроти 147 денари во Албанија, 126 денари во Грција, 124 денари во Србија, 122 денари во Словенија, 119 денари во Хрватска, 117 денари во Црна Гора и 116 денари во Босна и Херцеговина. Разликата во цените во однос на земјите од регионот се движи од пет до над 40 проценти, што потврдува дека Македонија во моментов има најповолни цени на горивата - нагласи Ристески.
МИА
Ново на Сител
-

Тема на денот со Зоран Јолевски, поранешен амбасадор во САД
-

Заседава раководството на СДСМ
-

Царина разоткри шверц на 70 милиони парчиња цигари, оштетен државниот буџет за над шест милиони евра
-

Пецов - Ѓаволот призна вина, доби две години условнa
-

Стручна комисија утврди - нема лекарска грешка во третманот на родилката од Струмица
-

Серија средби на Мицкоски во Њујорк
-

Пратенички прашања во Собранието
-

Платформата „12.05“ подготвува опозициски фронт со СДСМ, но без ова раководство со Филипче
