Ревизија на МЕПСО: Спорни вработувања, хаос со имотот и милионски провизии за неискористени кредити
Нерешени имотни прашања, милиони евра за неискористени кредити и спорни вработувања – ова се дел од наодите во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на МЕПСО во 2024 година.
Ревизорите утврдиле дека компанијата нема чисти документи за добар дел од мрежата. Од вкупно 112 далекуводи, за повеќе од половина нема имотни листови, а нерешени остануваат и 33 големи трафостаници кои МЕПСО ги користи заедно со ЕВН. Поради овие пропусти, Регулаторната комисија не може прецизно да ја одреди тарифата за пренос на струја, што директно влијае врз сметките на граѓаните.
Извештајот открива и доцнења кај инвестициите. Кај некои проекти роковите биле продолжувани со години, а кај други се потошени многу повеќе пари.
МЕПСО има одобрени заеми од над 102 милиони евра, но повеќе од половина од нив сè уште не се искористени. Само во 2024 година, компанијата платила над 245 илјади евра провизии за неповлечени средства, додека вкупните трошоци за камати и провизии достигнала речиси 9 милиони евра.
Пример е далекуводот „Валандово - Милетково“, каде парите се одобрени во јуни 2024 година, изградбата не е почната, а веќе се платени над 155 илјади евра за провизии.
„Ненавременото користење на заемите го зголемува финансискиот товар и ја забавува реализацијата на стратешките проекти за електропреносниот систем“, пишува во извештајот.
Дополнително, МЕПСО им позајмила 9,5 милиони евра на други државни фирми, а има проблем и со наплатата на долгови од приватни трговци со струја стари над 3 години.
„Имајќи ја во предвид старосна структура на побарувањата, како и неизвесноста на долготрајните извршни постапки, истакнуваме дека постои неизвесност во однос на нивната наплата“, вели ДЗР.
Ревизијата анализирала 45 нови вработувања и открила дека кај дури 65% од нив, односно двајца од тројца вработени, има неправилности. Овие луѓе биле примени иако не ги исполнувале условите од јавниот оглас, а дел од нив кратко по вработувањето биле унапредени.
Од МЕПСО велат дека го прифаќаат извештајот и дека веќе спроведуваат мерки за отстранување на слабостите затекнати од претходните раководства.
„Се воспоставуваат работни групи и координациски механизми со надлежните институции, со цел побрзо обезбедување дозволи, документација и услови за реализација на инвестициите. АД МЕПСО презеде мерки и за зголемување на дисциплината на учесниците на пазарот на електрична енергија. Зголемени се финансиските гаранции, скратени се роковите за пресметки и зајакнати се механизмите за управување со дебалансите“, велат од МЕПСО.
За вработувањата нагласуваат дека огласите биле завршени пред назначувањето на актуелното раководство. Ветуваат дека за во иднина ќе ги зајакнат критериумите.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
