Протестите сè поизвесни – превозниците бараат решение за престојот во Шенген
Радикални протести од септември ако Европската Унија не го реши проблемот на камионџиите со престојот во Шенген.
Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора на состанок во Скопје ги усогласија следните чекори. Велат дека не сакаат протести, но доколку Унијата не понуди решение, ќе бидат принудени да блокираат.
Бараат средба со Европската комисија и преодно решение за проблемот со правилото 90/180.
„За да не се случи вие како потрошувачи, како граѓани, да доживеете да нема продукти во нашите продавници, ние, да речеме така, ќе се жртвуваме и ќе застанеме на граничните премини или околу амбасадите на Европската Унија или на други делови каде што имаме странски инвеститори, за да покажеме дека сепак сме тука и дека треба да водат сметка. Затоа што една држава ако си нема свој сопствен транспорт, веќе не можеме да зборуваме за раст и развој на економијата“, изјави Биљана Муратовска од Макам транс.
Клучното барање е времето да се пресметува според реалниот престој – во часови, минути и секунди, наместо секој влез и излез да се смета како цел ден. Според превозниците, поради честото преминување на границите, возачите реално поминуваат значително помалку од дозволените 90 дена, иако системот покажува подолг престој.
„Замислете некој да ви брои за 5 минути цел ден или за 10 минути да ви брои цел ден. Кога Европската комисија би имала разбирање за тоа, ние веќе всушност би имале некаков чекор напред во сето тоа“, рече Зијад Шариќ, претседател на одбор на конзорциумот за логистика на БиХ.
Транспортертите бараат и нулирање на досегашното броење, како и јасен рок за привремено и конечно решение. Велат дека моментално има различни толкувања на правилата на различни гранични премини, што создава целосна неизвесност за возачите и компаниите.
„Возачите тргнуваат, знаат дека немаат потрошено време, а кога ќе стигнат таму, еден им вика едно, друг друго, еден ги пушта, друг не ги пушта, се пазарат како на пазар: „Можам да те пуштам уште 3 дена, можам уште 5 дена“, а суштински возачот знае дека не е во прекршок, но се наоѓа во ситуација, ако не сака да се пазари, мора да се врати“, вели Неџо Мандиќ, претседател на Здружението за меѓународен транспорт на Србија
Очекуваат одговор од состанокот на високо ниво во Брисел закажан за 1 септември. Доколку нема напредок, најавуваат дека протестите ќе бидат радикални и долготрајни.
„Доколку дојде до протест, претходните протести ги прекинавме со ветувања. Овој пат, доколку бидеме притиснати до ѕид и излеземе на на на границите, нема да се повлечеме до конкретно решение, односно до имплементација на решението. Оби- значи нема да дозволиме повторно да бидеме изиграни. Сега сме досега, сега се чувствуваме како изиграни бидејќи веќе 7 месеци ништо не ни е решено“, рече Ѓорѓе Лешњак, претседател на Здружение на превозници на Црна Гора.
До конечно решение, велат, ќе настојуваат на дијалог со европските институции, но немаат намера да се откажат од барањата.
Кон крајот на јануари годинава, камионџиите од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора четири дена ги блокираа товарните терминали на границите. Протестот заврши откако Европската Унија презентираше нова визна стратегија со која се остави простор да бидат изземени од новиот електронски систем за влез и излез од Шенген.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
