Македонија
11. August 2026 - 16:29

Дете од година и пол нападнато и искасано од куче во Шуто Оризари

Дете на возраст од една ипол година било нападнато и искасано од улично куче во дворот на семејниот дом во Шуто Оризари. 

Според сведоштвото на семејството, кучето влегло во дворот додека членовите на семејството биле на терасата. Детето во тој момент било малку подалеку од останатите. Кога мајката се обидела да го избрка кучето, животното се нафрлило врз детето.

При нападот, детето се здобило со повеќе каснувања и повреди по телото, меѓу кои и во пределот на лицето, увото и телото. Веднаш било пренесено во здравствена установа, каде што му била укажана медицинска помош.

Според медицинската документација, случајот е евидентиран како каснување од куче. На детето му била дадена вакцина против беснило, а лекарите препорачале продолжување на предвидените дози и примање антирабичен серум согласно медицинската проценка.

Случајот бил пријавен во полиција, а семејството ангажирало и адвокат. Тој за Сител вели дека ќе поднесе тужба против Град Скопје. 

-Ќе поднесеме тужба, ако треба ќе одиме на суд, изјави Емран Исмаил, адвокат на семејството.

Проблемот со бездомните кучиња не е нов. Со години граѓаните пријавуваат напади и каснувања, а Град Скопје исплаќа милионски суми за отштети.

Само во 2025 година, според објавените податоци, Град Скопје исплатил околу 750 илјади евра, односно близу 46 милиони денари, за отштети поради каснувања од куче. 

Сител постави прашање до Град Скопје колкав е бројот на тужби во првата половина од оваа година.

„Новата администрација на Град Скопје во првите шест месеци од оваа година бележи намалување на вкупниот број на тужби и спогодби во споредба со истиот период во 2023 и 2024 година. Ова за нас зборува дека преземените мерки и активности даваат резултати и дека се движиме во насока на надминување на проблемите“, ни одговорија од Градот.

Во моментов ЈП Лајка има згрижено повеќе кучиња отколку што имаат сместувачки капацитети.