Просечната оценка од полагањето на сите три типа матура е 3,66

Просечната оценка од полагањето матура во јуни е 3,66 од сите три типа матура.
Два месеца по полагањето на првиот од двата екстерни испити, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар Даниела Јовчевска-Михајловска на прес-конференција денеска ги соопштија резултатите кои се конечни и по поднесени и разгледани приговори.
Новина оваа година беше што матурантите полагаа три типа матурски испит - државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.
Просечната оценка за државна матура е 3,62, за стручна 3,91 и за уметничка 3,59. Министерката Јаневска изјави дека е задоволна од просекот кој е речиси задржан од лани, кога беше 3,69, за разлика, рече, од 2024 кога беше 3,26.
-Ценам дека ова се објективни резултати поради подготвеноста на сите вклучени во организирањето на матурата, рече Јаневска.
Повеќе од 14 500 ученици кои завршија средно образование во учебната 2025/2026 година беа пријавени за полагање на екстерните испити (задолжителниот мајчин јазик и уште еден предмет од понудените за избор) од матурата во јунската испитна сесија. Тестовите ги полагаа на 6 и на 11 односно 12 јуни.
Од вкупно пријавени 14 587 ученици за полагање на матурата, 12 184 беа пријавени да полагаат државна матура, 2276 ученици за државна стручна матура и 127 пријавени за државна уметничка матура. На полагањето не дошле 348 пријавени или 2,39 отсто.
Гимназијалците полагаа само државна матура, која, исто така, според новата концепција, можеа да ја полагаат и учениците од стручните и од уметничките училишта, кои избираа помеѓу државна матура и стручна односно уметничка матура,
За државна матура се полагаше тест по странски јазик (англиски, француски, германски, руски или италијански) или математика. Матурантите што полагаа државна стручна матура имаа тест по англиски или по математика, а за државна уметничка матура изборот беше помеѓу англиски јазик и историја. Како и во минатите години, за екстерниот испит најмногу полагаа англиски јазик (13 208). Другите четири странски јазици беа опција само за учениците кои полагаат државна матура.
За секој испит (предмет) од типовите матура беа изработени посебни испитни програми врз основа на кои беа изготвени испитните прашања, а се темелеа на наставните програми по кои учениците следеле настава во текот на нивното четиригодишно образование.
МИА
Ново на Сител
-

Нови обвинувања за францускиот предлог
-

Готов е извештајот за 19-годишната родилка која остана неподвижна по царски рез
-

Новиот директор на ФЗО Златко Перински бара начини како да се спречи злоупотребата на долгите боледувања
-

Државата бара 41 милион евра преку издавање обврзници, опозицијата обвинува - Буџетот е празен
-

Иџе го тестираше новиот прототип болид
-

Жерновски: Владата веќе договорила прифаќање на Францускиот предлог
-

Новите авио линии го зголемија бројот на туристи
-

Жителите на Тркање обвинуваат за недостаток на вода, Општина Кочани вината ја лоцира кај нив
