Производителите на пиперки го блокираа патот Прилеп-Битола, велат дека откуп воопшто нема
Земјоделците од пелагониско и општина Кривогаштани денеска го блокираа регионалниот пат Прилеп-Битола кај селото Тополчани поради како што велат немањето воопшто на откуп на пиперката ајварка која сега скапува по нивите. Или пак и да имало минимални количини се откупувале за 15 денари за килограм. Велат дека никој не сака да им објасни зошто е тоа така.
„Имаме направено договори со откупувачите, откупувачите имаат со преработувачите, ние имаме договори но немаме предадено од нашата пиперка ниту 2%, магацините се затворени се купува одредена количина, дали 5% вкупно на ниво на држава е откупена пиперката. Ако се купува се купува по цена од 15 до 18 денари, срамота е тоа. Цената треба да биде од 25 до 30 денари за да нас ни се исплати“, рече Јане Камчески, земјоделец од с. Бела Црква.
„Се работи за лесно расиплив земјоделски производ кој мора да биде набрани предаден во краток временски период. Производителите се ставени во исклучително тешка состојба и се принудени да го продаваат производството по економски неисплатлива цена, и тоа ако најдат откуп, ако не го тураат по каналите“, вели Васко Десаноски, земјоделец од Општина Кривогаштани.
Земјоделците упатиле 5 барања до Владата, итно да се обезбеди непречен и навремен откуп на пиперките, исплата на предадениот род во рок од 15 дена, бараат итна средба со министерството за земјоделство, откупувачите и преработувачите, откупната цена да биде економски исплатлива, доколклу тоа не се случи да се формира Интервентен фонд кој што од страна на државата ќе ги надополни таа цена, побара и итна исплата на заостанатите субвенции за 2025 година.
„Владата може да ги притисне преработувачите во смисла за забрзана преработка на набавената пиперка, да ги притисне за навремена исплата, затоа што исплата после 2-3 години не е исплата. Да се зголемат субвенциите, но да се се исплаќаат сега веднаш што заврши откупот“, додаде Васко Јосифоски, земјоделец од битолско.
Доколку не се најде итно решение за овој проблем земјоделците се заканија со радикализација на протестите.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
