Превозниците на протест пред Делегацијата на ЕУ во Скопје

Превозници организирани од домашната транспортна асоцијација „Макам-транс“ денеска од 12 до 14 ќе одржат протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, барајќи решавање на проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната.
Протестот е предупредувачки во пресрет на утрешниот состанок на Работната група во Брисел од кој превозниците очекуваат решение за нивниот статус откако се соочија со проблеми поради правилото 90/180 на ЕУ според кое државјаните на трети земји можат да престојуваат најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена.
Кај дегелацијата на ЕУ во Скопје во тек на протестот ќе бидат паркирани 20-ина товарни возила од Скопје, во присуство на сопственици на транспортни компании, возачи и други вработени од повеќе делови на земјава. Истовремено, протести на превозници ќе се одржат и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Од „Макам-транс“ велат дека протестот е предупредување до Европска Унија, која според нив во изминатите седум месеци не покажала добра волја за надминување на проблемот иако во визната стратегија се признаа возачите како професионалци кои вршат дејност.
-После седум месеци се уште не е надминат проблемот со престојот, а бидејќи септември е почеток на работите сакаме да испратиме јасна порака да се направи нешто. На 1 септември се очекува да има средба на претставници на сите земји од шенген зоната на која бараме да биде на дневен ред и нашето прашање, изјави за МИА Биљана Муратовска - генерален секретар на асоцијацијата „Макам-транс“.
Во однос на ставот на Министерството за транспорт од каде во неколку наврати укажаа дека преземаат активности за помош на транспортерите со склучување билатерални договори со земјите дел од Шенген зоната со цел да се обезбеди покриеност на рутите по кои најчесто се движат македонските транспортери, Муратовска посочи дека „освен Хрватска којашто направи промени во Законот за странци други држави немаат јавно искажано такво нешто“.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски минатата недела изјави дека Владата прави се што е во нејзина моќ да помогне на превозниците како што е склучување билатерални договори со земјите дел од Шенген зоната.
Тој најави дека Македонија наскоро ќе склучи нови договори со земји членки на Шенген зоната и на тој начин самостојно го решава проблемот.
-Имаме целосно разбирање за транспортерите и се обидуваме во рамки на нашите можности да помогнеме и да изнајдеме решенија. Се работи за правила во Шенген зоната, а она што ние можеме да го направиме е да потпишуваме билатерални договори со земјите членки на Шенген зоната. Тоа веќе го правиме и веќе постигнавме договор со неколку земји, а во следниот период интензивно ќе работиме и на договор со други земји. Во текот на септември е најавена средба на високо ниво со австриската Влада, во текот на октомври со словенечката Влада, така што ние не застануваме и продолжуваме да работиме на билатерални договори со сите земји кои што се расположени - рече Николоски.
Целта е да се обезбеди покриеност на рутите по кои најчесто се движат македонските транспортери.
-Гледаме генерално да ги покриеме рутите каде што традиционално македонските транспортери најчесто одат. Со Швајцарија веќе има договор, со Хрватска има договор, со Романија има договор. Како што кажав, следни за разговор се Австрија и Словенија, и исто така работиме и со Германија - посочи Николоски.
Според него, на овој начин се опфаќаат земјите каде што има најголема фреквенција на македонски транспортери, а Владата и Министерството продолжуваат со работа за изнаоѓање дополнителни решенија.
Доколку на утрешниот состанкот во Брисел нема преодно решение за престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната, предложено е да се одржи протест на граничните премини на секоја држава одделно на 14 септември, иако како што порачаа по состанокот во Скопје на 21 август, протестите не му одат во прилог на никого.
Како што информираа, 50 проценти од возачите одбиваат да возат затоа што немаат сигурност што ќе се случи на граница и дека се зависи од волјата на вработените на граничните премини кои различно ја толкуваат одлуката 90/180.
Со проблемот се соочуваат околу 17.000 професионални возачи од земјава, а на ниво на држави од Западен Балкан бројката се искачува на 100.000.
Транспортери од државата, од Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина во јануари блокираа товарните делови од граничните премини со барање да бидат изземени од новиот систем за контрола на влез и излез во ЕУ поради кој велат дека се соочуваат со економски штети и депортации.
Речиси четиридневниот застој на товарниот сообраќај беше прекинат откако Европската комисија донесе одлука за носење нова стратегија за визи, која според тогашните изјави на надлежните институции ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи, за престојот 90 во 180 дена во шенген-зоната.
МИА
Ново на Сител
-

51 инфлуенсер, луксузни хотели и забави: Ќерката на Орбан потрошила 8 милиони евра јавни пари за инфлуенсерска кампања
-

Бидете дел од новата сезона на Сител: Пријавете се за учество во „Се или Нешто“, „Брза Кујна“ или „Листа за 300“
-

ВМРО-ДПМНЕ воведува прв дигитален процес на зачленување
-

Од утре нови правила на Скопскиот аеродром: Само еднаш дневно ќе може бесплатно да влезете со автомобил
-

Вишото јавно обвинителство наложи продолжување на истрагата против Капушевски и Јахоски за случајот „Мазут“ тежок 167 милиони евра
-

3.000 евра казна за Србинот кој двапати возел над 160 км/ч кај Демир Капија
-

Одличен настап на најмладите македонски кикбоксери во Унгарија – злато за Чавков, сребро за Илиев
-

Осум месеци зад решетки: Мадуро насмеан позира со знак за мир
