Македонија
31. August 2026 - 12:23

Сточарите со ултиматум: Итно решение за овчата сипаница

Одгледувачите на овци и кози се состанаа во Штип за да ги дефинираат следните чекори и конкретните барања што ќе ги достават до Владата и до ресорното Министерство, со цел итно да се нормализира состојбата предизвикана од ширењето на овчата сипаница. Според проценките на сточарите, досега од болеста угинале меѓу 7.000 и 10.000 овци.

-Гледаме дека веќе сточарите се плашат да ги пријават случаите, затоа што треба многу време до уништување на стадото и не знаат, не се сигурни дали ќе им бидат обесштетени тие стада. Никој од сточарите не сака да ги изгуби овците и да остане на улица. Така што денеска ќе одлучиме за барањата и ќе бараме што побрзо да им се обесштетат изгубените овци, изјави Насер Џемаили, претседател на Сојузот на одгледувачи на овци и кози.

Во однос на најавената имунизација, Џемаили посочи дека сточарите сè уште немаат конкретни информации кога вакцините ќе пристигнат во земјава.

-Ни рекоа дека за 10 дена ќе имаме вакцина, а сепак ја нема. Сепак, веќе е доцна за вакцинација. Во источниот дел веќе не може да се вакцинираат, затоа што сите ги зафати болеста и ќе бараме писмено од Министерството и од Владата да се обесштетува секоја угината овца. Ги имаат податоците колку овци имале сточарите и, според таа бројка, да им се исплатат и субвенциите и обесштетувањето – додаде Џемаили.

Поддршка на сточарите стигна и од Конфедерацијата на синдикални организации, кои предупредуваат дека состојбата е сериозна и бараat итна реакција од највисоките државни институции.

-Премиере, значи, најитно што може, фати ја работата во свои раце, бидејќи стадата чекаат. Од трлата ги собираме и ги носиме пред Влада! Значи, многу е алармантна ситуацијата, за да може и тоа малку што останало да го задржиме, да го сочуваме, да останат луѓето и да се занимаваат со тоа со што со векови се занимавале нивните дедовци и чукундедовци. Тоа е практично препорака од Конфедерацијата, изјави Гоце Делчев Тодев, генерален секретар на Конфедерацијата на синдикални организации.

-Имаат поддршка сите овчари од нас, бидејќи првата и основна мисија на Сојузот е да го зголемиме сточниот фонд, а не да го намалиме. Затоа сме тука, затоа сме поддршка на секој сточар, изјави Милена Величковиќ, одгледувач на овци и член на УО на Сојузот на одгледувачи на овци „Модерен овчар“.

Сточарите очекуваат нивните барања да бидат итно разгледани и преточени во конкретни мерки.