Случајот „Михаилова“ под лупа на бугарската политика
Голем интерес во Бугарија предизвика судскиот процес против Ива Михаилова од Кочани, која има двојно, македонско и бугарско државјанство. Денешното продолжение на судењето во Основниот суд во Кочани го следат и најмалку шест бугарски пратеници, а беа присутни и екипи од тамошни медиуми.
Михаилова е обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, по несреќата што се случи во октомври минатата година, во која едно лице го загуби животот, а неколкумина беа повредени, меѓу кои и самата таа. Михаилова ја отфрла вината и тврди дека несреќата не била предизвикана по нејзина вина. На случајот во изминатиот период му беше посветено големо внимание во Бугарија, особено откако судот во Кочани, а потоа и Апелацискиот суд во Штип, го одбија нејзиното барање да ѝ бидат вратени личните документи за да може да продолжи со лекување во Бугарија. Бугарското Министерство за надворешни работи досега двапати реагираше, барајќи Михаилова да добие навремена и соодветна медицинска грижа.
Од дел од присутните пред кочанскиот суд можеа да се слушнат обвинувања дека не и е дозволено рехабилитација од повредите на рбетот во штипската терапија, без оглед на фактот дека за патување од Кочани до Штип не е потребен пасош. Случајот со Ива Михаилова во меѓувреме добива и политичка димензија, при што се користи за критика на македонскиот правосуден систем. Од официјална Софија и дел од бугарските политички кругови се упатуваат обвинувања за наводна неправедност на процесот, иако судската постапка сè уште е во тек и конечна одлука нема.
Во исто време, во Софија се одржа протест пред македонската амбасада, како израз на поддршка за Михаилова. На денешното рочиште во Кочани беа сослушани и експерти поврзани со различните експертизи за сообраќајната несреќа.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
